Европскиот парламент бара меѓународна истрага за изборите во Србија


 

Европскиот парламент усвои резолуција за изборите во Србија, во која, според финалниот нацрт до кој јавноста имаше пристап, се бара меѓународна истрага и од Европската комисија бара доколку се докаже кражбата на изборите, да се укинат пристапните фондови на Европската унија кон Србија.

Резолуцијата беше усвоена со огромно мнозинство – 461 гласа „за“ и 53 „против“.

Како што напиша на социјалната мрежа Икс, Павле Грбовиќ, лидерот на Движењето на слободни граѓани, меѓу оние кои гласаа против бил и известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик.

Во резолуцијата, Европскиот парламент ја повикува Европската комисија да испрати експертска мисија во Србија која би ја проценила ситуацијата и на тој начин ќе ги постави основите за социјален дијалог кој би ја вратил довербата во институциите, по примерот на „извештаите на Прибе“ кои се напишани за Македонија и Босна и Херцеговина.

Се осудува недостатокот на одговор од институциите на сериозните сомнежи за вмешаност на власта во изборни манипулации и злоупотреби, „што резултира со неказнивост и обезбедува континуитет на оваа практика“. Се повикуваат институциите да ги истражат и казнат одговорните за какви било криминални дејствија за време на изборите, како и за напади врз студенти.

Европратениците во резолуцијата повикуваат и на суспензија на финансирањето на Србија од ЕУ доколку српските власти не се подготвени да ги спроведат клучните изборни препораки или ако наодите од истрагата покажат дека српските власти биле директно вмешани во изборна кражба.

Владата е повикана и на целосна и суштинска соработка со ОБСЕ, Европската унија и Советот на Европа.

На денешниот панел во Европскиот парламент, „Србија на крстопат“, пред усвојувањето на резолуцијата за изборите во Србија, европратениците заедно со претставниците на листата „Србија против насилството“ упатија остри критики на сметка на власта на Александар Вучиќ.

Беше речено дека власта во Србија ги злоупотребила изборите и целиот државен апарат, нагласувајќи ја потребата од итна и брза меѓународна истрага за изборниот процес.

Европските пратеници изјавија дека граѓаните на Србија заслужуваат фер и чесни избори и дека биле сведоци на изборна кражба. Тие посочија и дека евентуалното замрзнување и суспендирање на европските фондови не е насочено против граѓаните на Србија.

Премиерката Ана Брнабиќ реагираше на усвојувањето на резолуцијата. Таа на социјалната мрежа Икс напиша дека резолуциите доаѓаат и си одат, дека оваа не е прва, ниту ќе биде последна. Брнабиќ ги цитираше изјавите на опозициските лидери кои зборуваа денеска во Стразбур пред седницата на ЕП.

Лидерот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас, реагираше на таблоидите кои пишува за усвојувањето на резолуцијата. Тој на Икс напиша и дека судејќи по изјавите на претседателот на Србија и премиерката може да се заклучи дека се препознале и дека почнала „фрка“.

„Не е срамна и не е резолуција за Србија, туку за кражбата на избори во Србија и потреба од санкционирање на крадците. Судејќи по изјавите на Александар Вучиќ, Ана Брнабиќ и тимот, изгледа дека се препознале и дека почна ‘фрката’“, напиша Ѓилас.