Европски Зелени: Вучиќ ги премина сите граници, ЕУ не смее да молчи

Претседател кој некогаш ги нарекуваше мирните демонстранти „терористи“, а сега ги нарекува европратениците и европската политичка делегација „олош“, ги премина сите граници на демократскиот дискурс“, рече Вула Цеци, копретседател на Европската Зелена партија.
„Слободата на говорот не може да биде нападната, ниту пак говорот на омраза може да биде толериран од шеф на држава. Заканата на Вучиќ со кривично гонење е уште поалармантна, бидејќи го поткопува владеењето на правото. Претставувајќи ги европските гости како закана за стабилноста на Србија, тој ги напаѓа сите демократи“, рече Цеци.
Таа, исто така, изјави дека сè што нивната делегација виде во Нови Сад „е авторитаризмот со кој граѓаните на Србија се соочуваат секој ден“.
„Нашата солидарност е со нив, нивната храброст во одбраната на демократијата заслужува поддршка, а не непријателство. Европската Унија не смее да молчи“, рече Вула Цеци, копретседател на Европската зелена партија.
Расмус Нордквист, европратеник и член на одборот на Европската зелена партија, исто така, ја коментираше изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Граѓаните на Србија се борат за своите демократски права и слободи во земја која е легитимен кандидат за членство во ЕУ. Дојдовме да покажеме солидарност во борбата за слобода на собирање, слободни медиуми, против корупцијата и за транспарентност – сите тие се фундаментални делови на демократијата. Ние, Зелените, нема да бидеме заплашени од заканите или навредите на Вучиќ. Со оглед на тоа што од прва рака видовме како Вучиќ го прифаќа авторитаризмот, го повторуваме нашиот повик до Европската комисија, Европскиот парламент и Советот да се справат со ситуацијата во Србија.“
Во телевизиско обраќање доцна во ноќта во петокот, српскиот претседател Александар Вучиќ ги нарече европратеникот на Зелените, Расмус Нордквист, и копретседателот на Европската зелена партија, Вула Цеци, „олош“ – и се закани дека ќе ги гони.