Европската народна партија одржа самит за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан

Еден ден по самитот на ЕУ со лидерите на Западен Балкан, на проширувањето ќе се посвети и Европската народна партија (ЕПП), пред денешниот состанок на Европскиот совет. Расправата во ЕПП е озаглавена како „Проширувањето на ЕУ и Западен Балкан: обновен консензус, геополитичка неопходност и споделена одговорност“.
На оваа средба учествуваат шефови на влади од ЕУ кои се дел од семејството на ЕПП (вклучувајќи ја и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен), а од регионот, меѓу другите, се присутни, македонскиот премиер Христијан Мицкоски и српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Во најавата за средбата се вели дека „интеграцијата на регионот на Западен Балкан во ЕУ е денес, повеќе од кога било досега, геополитичка неопходност. Нашата проактивна политика на проширување е инвестиција во нашата сопствена безбедност и стабилност“.
Покрај тоа се нагласува дека „процесот на европска интеграција останува заедничка одговорност меѓу Европската унија и земјите кандидати: процесот мора да биде повеќе заснован на заслуги и критериуми, особено кога станува збор за основите, зајакнувањето на владеењето на правото и демократијата, борбата против корупцијата и независноста на правдата“.
ЕПП бара „почитување на добрососедските односи, почитувањето на правата на малцинствата и регионалната соработка и исполнување на сите обврски од потпишаните договори“. Според ЕПП тоа се суштински елементи за стабилизација, асоцијација и успешно завршување на процесот на проширување. „Во овој поглед, сите билатерални и мултилатерални договори и обврски поврзани со ЕУ треба целосно да се имплементираат“, вели ЕПП.