Европската народна партија бара мерки за почитување на правата на Бугарите во Македонија

Во резолуцијата за Западен Балкан на конгресот на ЕПП се вели дека преговорите на Македонија со ЕУ не почнале бидејќи не се спроведувал договорот со Бугарија


Новото раководство на ЕПП избрано на последниот конгрес

 

Европската народна партија (ЕПП) на својот конгрес што се одржа во изминатите два дена во Ротердам, Холандија, освен што избра ново раководство на чело со германскиот европратеник Манфред Вебер, усвои и повеќе резолуции од кои една е и за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Во неа се вели дека ЕУ не е комплетна без земјите на Западен Балкан и дека тоа ќе биде прироритетот на нејзината надворешна политика.

Откако набројува какви се не самити се одржувале за односите ЕУ-Западен Балкан, како и промената на методологијата за проширување, ЕПП вели дека „очигледното отсуство на значителен напредок во интеграцијата на земјите од Западен Балкан може сериозно да ја поткопа регионалната и европската безбедност. Фактот што досега не можевме да се договориме за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија и со Албанија, предизвика разочарување и фрустрација и испраќа сигнал на слабост до оние кои би ја предизвикале ЕУ. Важно е ние како ЕПП да покажеме јасен знак на поддршка и да ги охрабриме понатамошните напори на двете земји“.

Во подолгата резолуција се наведуваат позициите за сите шест земји во регионот. Конгресот, во чија работа учествуваше и делегација на ВМРО-ДПМНЕ на чело со претседателот Христијан Мицкоски, во делот за Македонија од сите заедници што живеат во нашата земја поименично ги споменува единствено Бугарите. ЕПП е политички чадор под кој се здружени десноцентристичките партии од Европа. Таа има најмногу пратеници во Европскиот парламент, но веќе не е доминатна сила во Европскиот совет, каде сега има само шест премиери.

Откако во резолуцијата наведува дека силно го поддржува отворањето на преговорите на ЕУ со нашата земја, ЕПП вели дека во Македонија треба да има „помирување со нејзиното минато“. И дека не е усвоена преговарачката рамка поради тоа што „не беа постигнати опипливи резултати во однос на спроведувањето на билатералните договори со Бугарија“.

Потоа, европските народни партии ги повикуваат „двете страни и ЕУ да постигнат взаемно прифатлив патоказ кој може со добра волја да гарантира спроведување на билатералниот договор“. Потоа се наведуваат речиси истите зборови што се слушаат од Софија дека „недискриминацијата, почитувањето на човековите права и слободата на говор се основните вредности на ЕУ што треба да ги застапува секоја земја-аспирант за пристап“. И во тој контекст да се направи сѐ за да се решат преостанатите прашања, а не да се спречи напредокот.

Еве го тој дел од резолуцијата:

„Ние во ЕПП силно го поддржуваме отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ со Република Северна Македонија, вклучително и помирувањето со нејзиното минато, врз основа на критериумите и вредностите на ЕУ. Цврсто веруваме дека добрососедските односи се клучни за решавање на нерешените прашања. Договорот за добрососедски односи со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција беа важни чекори на патот на Северна Македонија кон евроатлантските интеграции, го отворија патот кон нејзиното членство во НАТО во март 2020 година и треба да се почитуваат. Северна Македонија инвестираше значителен политички капитал во проширувањето – вклучително и промена на името. Ја пофаливме одлуката на Европскиот совет од март 2020 година за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија.

Во исто време, жалиме што досега не е договорена преговарачка рамка за да се овозможи организација на првата Меѓувладина конференција и што не беа следени заклучоците на Советот од март 2020 година, бидејќи не беа постигнати опипливи резултати во однос на спроведувањето на билатералните договори со Бугарија. Ги повикуваме двете страни и ЕУ да постигнат взаемно прифатлив патоказ кој може со добра волја да гарантира спроведување на билатералниот договор. Недискриминацијата, почитувањето на човековите права и слободата на говор се основните вредности на ЕУ што треба да ги застапува секоја земја-аспирант за пристап. Сметаме дека мора да се направи сѐ за да се решат преостанатите прашања – а не да се попречи напредокот – чекор од голема фундаментална геополитичка важност и за ЕУ и за Западен Балкан како целина.

На конгресот на ЕПП зборуваше и Христијан Мицкоски

ЕПП додава: „Ние цврсто го охрабруваме граѓанското општество и владините институции да преземат соодветни мерки за историско помирување: да се надминат поделбите меѓу различните етнички и национални групи, вклучително и граѓаните со бугарски идентитет и потекло“.

Во резолуцијата уште се наведува дека „длабоко загрижува злоупотребата на институциите со цел да се напаѓаат опозициските партии, групи или поединци. Одговорен систем е систем каде што судските служби се деполитизираат и случаите се судат врз основа на индивидуален пристап, а не врз основа на политички интереси на различни групи“, очигледно давајќи поддршка за тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ.

ЕПП го поздравува и заедничкиот ангажман на власта и опозицијата за клучни прашања од национален интерес.

Не е јасно каква била реакцијата на партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ на ставот дека неспроведувањето на договорот со Бугарија бил главна пречка за усвојувањето на преговарачката рамка или дека во државата треба да има помирување со „граѓаните со бугарски идентитет“. (Н.В.)