Европската комисија предложи нови фискални правила, ги омекнува строгите критериуми за штедење


Изгледа дека Европската унија е подготвена да се откаже од штедењето бидејќи ги презема првите формални чекори за реформирање на долгогодишните фискални правила кои ги ограничуваат прекумерните владини трошоци.

Правно обврзувачките правила, кои датираат од Договорот од Мастрихт во раните 1990-ти, ги принудуваат државите на ЕУ да го задржат буџетскиот дефицит под 3 отсто во однос на БДП,  а јавниот под 60 отст, прагови што повеќе земји моментално значајно ги надминуваат.

Правилата останаа суспендирани од избувнувањето на пандемијата КОВИД-19 во март 2020 година.

Новиот предлог на Европската комисија, објавен во средата попладне, има намера да отвори ново поглавје и да ги надмине спорните економски дебати што ја карактеризираа последната деценија.

„Речиси сите земји-членки ги прекршија правилата во едно или во друго време“, изјави за новинарите Валдис Домбровскис, извршен потпретседател на Европската комисија. „И правилата станаа многу сложени.

Според предлогот на Комисијата, целите за дефицит од 3 отсто и за долгот од 60 отсто ќе останат недопрени, но ќе се воведе поголема флексибилност за прилагодување на целите на специфичните околности на секоја земја.

Земјите ќе можат да смислат свои планови за контрола на јавниот дефицит и постепено намалување на долгот во период од четири години. На високо задолжените земји може да им се доделат дополнителни три години за да ги прилагодат своите финансии.

Плановите ќе бидат преговарани прво со Европската комисија, а потоа ќе бидат одобрени од Советот на ЕУ, врз основа на моделот што се користи за отклучување на средствата за закрепнување од КОВИД-19.

Многу критикуваната норма која наметна униформна 1/20 стапка на намалување на долгот ќе биде укината и заменета со формули прилагодени на земјите, промена што може да помогне да се избегнат болни економски жртви.

Комесарот за економија на ЕУ, Паоло Џентилони, ја опиша стапката од 1/20 како „нереална“ и рече дека новите правила ќе ја препознаат реалноста на многу различните нивоа на долг низ целиот блок, кои се движат од 182 отсто во Грција до само 16 отсто во Естонија.

„Ја зачувуваме интелигенцијата на правилата“, рече Џентилони.

Како „пандан“ на оваа поголема флексибилност, објасни Џентилони, Комисијата ќе го зајакне надзорот и спроведувањето на фискалните правила, кои досега беа слаби и неконзистентни.

Затоа, од земјите на ЕУ ќе се бара да се придржуваат до целите што ги поставија.

Во случај на какво било отстапување од договорениот план, извршната власт ќе примени финансиски санкции, но казните ќе бидат во помал обем за да бидат по „веродостојни“.

Севкупно, сите 27 земји ќе треба да покажат дека нивните нивоа на долг се на „веројатно опаѓачка патека“, но нема да бидат обврзани со строг рок за постигнување на целта од 60 отсто, што изгледа исклучително далечно за оние кои виделе дека нивните долгови се зголемуваат над границата од 100 отсто.

„Повеќе е прашање како секоја земја стигнува таму – и особено колку брзо“, рече Домбровскис.

 

Брисел вели не на „контроверзното“ златно правило

Фискалните правила на ЕУ беа предмет на интензивна дебата од финансиската криза во 2007 година, која пак ја предизвика должничката криза во еврозоната и ја оспори одржливоста на еврото како единствена валута.

Совршената бура создадена од пандемијата КОВИД-19, војната на Русија во Украина, рекордната инфлација, енергетската криза и претстојната рецесија дополнително го поттикна чувството на итност да се реформираат фискалните правила и да се премости јазот Север-Југ пред да стане непремостлив.

Масовните нивоа на инвестиции потребни за исполнување на зелените и дигиталните транзиции, кои се проценуваат на околу 650 милијарди евра годишно до 2030 година, само го зајакнаа впечатокот дека штедењето е минато.

Предлогот на Европската комисија, сепак, не содржи таканаречено „златно правило“ за исклучување на зелените проекти од пресметката на целите од 3 отсто и 60 отсто.

Домбровскис призна дека златното правило било „прилично контроверзно“ меѓу земјите-членки, со „прилично различни ставови“ изразени околу масата.

„Се обидуваме да го избегнеме ова како прашање ‘да или не’“, рече Домбровскис.

 

Наместо изземањето, на земјите-членки ќе им биде дозволено да имаат повеќе време на располагање за да го намалат товарот на долгот доколку се заложат за реформи поволни за растот и инвестиции во заеднички европски приоритети, објасни потпретседателот на Комисијата.

„Златно правило, се разбира, не е [за] откажување на долгот“, рече Џентилони. „Тоа е начин да се има различно сметководство на некој дел од долгот за да се олеснат инвестициите.

И Домбровскис и Џентилони го бранеа предлогот на Комисијата како солидна почетна точка за почеток на размислувањата меѓу земјите, од кои некои се залагаат за поголем простор за маневрирање, додека други, стравувајќи од екстравагантни трошења, продолжуваат да ги бранат здравите и разумни финансии.

Се очекува дискусиите да бидат долготрајни, вжештени и длабоко под влијание на критичниот економски момент што го погодува блокот. 

Со исчезнувањето на испораките на руски гас преку ноќ, блокот се подготвува да се соочи со постојано високи цени на енергијата во наредните години, ставајќи ја јавната каса под екстремен притисок.

„Пакетот не разочара, но не значи дека нашите фискални проблеми се решени. Мислам дека укажува на суровата реалност“, изјави за Еуроњуз Марија Демерцис, заменик директор во Бригел, тинк-тенк со седиште во Брисел, како реакција на соопштението од средата.

„Сепак, има малку преголем акцент даден на целта од 3 отсто, како тоа да е сега идната позиција на фискалната политика“, додаде таа. „Ако сега земјите се охрабруваат да се задоволат со дефицит од 3 отсто, тогаш фискалната политика навистина не станува контрациклична, што е од клучно значење за градење тампон во добри времиња.

Комисијата има намера да поднесе законски текст во 2023 година, откако земјите-членки ќе се приближат кон поунифицирана позиција. Крајната цел е новите фискални правила да се воведат пред почетокот на 2024 година.

Фискалните правила на ЕУ, официјално познати како Пакт за стабилност и раст, првпат беа воведени во 1997 година во обид да се премости една од најеклатантните противречности на блокот: централизирана монетарна политика во рацете на Европската централна банка и сет на децентрализирани и различни фискални политики во секоја земја-членка.

Правилата беа затегнати неколку пати за време на финансиската криза и беа нагло суспендирани во март 2020 година, кога пандемијата КОВИД-19 ги ​​доведе земјите во ненадеен застој.

Нивното повторно активирање сега е суштински поврзано со напредокот на реформскиот процес.

Франческо Де Анџелис, политички аналитичар во Центарот за европска политика (ЕПЦ), го поздрави предлогот на Комисијата за обидот да се направат правилата „појасни“, но предупреди дека е премногу рано да се предвиди неговата ефикасност.

„Предизвикот ќе биде, како што беше во изминатите години, степенот на флексибилност што се користи за да се процени усогласеноста со правилата“, рече Де Анџелис за Еуроњус. „Дискрецијата треба да се заснова на договорени критериуми. Освен тоа, фискалните правила не треба да бидат преоптоварени со премногу цели на политиката“. (Еуроњус)