Европската комисија постави рок – преговорите со Македонија до крајот на јуни

Сега е време ЕУ да испорача и официјално да се отворат со Македонија и Албанија пред крајот на француското претседателство, изјави еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс во Европскиот парламент


 

Европратениците денеска изразија силна поддршка преговорите со Македонија и Албанија да почнат до крајот на француското претседателство

Еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, кој го заменуваше Оливер Вархеи во Европскиот парламент денеска повика преговорите со Македонија, како и со Албанија, да започнат пред крајот на француското претседателство на 30 јуни.

„Земјите членки на ЕУ донесоа одлука во март 2020 да ги отворат преговорите со Албанија и Северна Македонија, сега е време да се испорача и официјално да се отворат со двете земји пред крајот на француското претседателство“, изјави еврокомесарот по воведот на известувачот за Македонија, Илхан Ќучук кој пред ЕП го презентираше извештајот за напредокот на Македонија.

Според Рејндерс, тоа е најсилниот сигнал што ЕУ може да му го испрати на целиот Западен Балкан. Европската Комисија изрази подготвеност да помогне во изнаоѓање решение за надминување на спорот помеѓу Македонија и Бугарија. Известувачот Ќучук од своја страна предупреди дека „времето не е на ничија страна“ во овој спор.

„Ова е губитничка ситуацијата за Бугарија, за Северна Македонија и за ЕУ“, порача известувачот и ги повика Скопје и Софија да најдат заеднички прифатливо решение за да може да се одржи првата меѓувладина конференција, со што ќе им се даде перспектива на македонските граѓани“, рече тој и предупреди дека одолговлекувањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија има негативно влијание и врз геополитичкиот контекст.

Европскиот парламент денеска расправаше за напредокот на Северна Македонија наведен во Извештајот на Ќучук. Во Извештајот се повикуваат земјите на Европската унија да покажат единство со формално отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана, земјаќи ги предвид геополитичките импликации и исполнувањето на официјалните барања, како што се инвестициите во доверба, стабилност, напредок и помирување во регионот.

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски рече дека Македонија уште утре може да биде дел од Унијата, но откако ќе го промени Уставот и ќе се забрани говорот на омраза.

Во Извештајот се изразува поддршка за Скопје и Софија да најдат заемно прифатливо решение за отворените билатерални прашања и силно го поздравува политичкиот поттик за широка, конструктивна комуникација меѓу двете земји, барајќи нова заедничка основа во многу области од заемен интерес наместо дополнителни линии на поделба.