Европската комисија ја прошири дефиницијата, но и санкциите за корупција


 

Европската комисија предложи нови правила за борба против корупцијата во ЕУ и надвор од неа, а ја прошири дефиницијата и санкциите за корупција.

Комисијата сака да вклучи проневера, трговија со влијание, злоупотреба на положбата, попречување на правдата и незаконско богатење со коруптивни дела, пренесува Хина.

Стандардизирањето на правните дефиниции и санкции ќе помогне во прекуграничните истраги, соопшти ЕК.

Според предлогот, за кој последниот збор го имаат Советот на Европа и Европскиот парламент, странските државјани ќе бидат казнети со санкции за корупција. На лицата, без разлика на нивното државјанство, кои се на списокот на санкционирани за тешки дела на корупција, ќе им биде замрзнат имотот во ЕУ и ќе им се забрани влез на територијата на Унијата.

„Корупцијата е како рак и како и со лекувањето на оваа болест, мора да ја подобриме превенцијата. Мора да имаме и силни инструменти за репресија и казнување на корупцијата – не само на национално ниво, туку и на европско ниво“, рече Вера Јурова, потпретседател на Комисијата за транспарентност и вредности.

Според високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, корупцијата е глобален, транснационален феномен, кој се проценува дека чини најмалку пет отсто од БДП на глобално ниво.

„Затоа, паралелно со иницијативите на Комисијата за зајакнување на борбата против корупцијата во рамките на ЕУ, предлагам воспоставување нов режим на санкции во рамките на Заедничката надворешна и безбедносна политика насочена кон сериозни акти на корупција во светот, со цел да се надополни нашата надворешна антикорупциска алатка“, рече Борел.