Европската комисија исплати 50 милиони евра финансиска помош за Македонија


Комисијата оваа недела одобри заем во износ од 50 милиони евра за Северна Македонија. Ова е прва транша од тековната програма за макрофинансиска помош (МФП) за земјата.

-Помошта обезбедува дополнителна поддршка за Северна Македонија, чија економија беше сериозно погодена од неодамнешната енергетска криза, што беше предизвикана од целосната инвазија на Русија врз Украина. Оваа помош ќе ја поддржи макроекономската стабилност и ќе обезбеди понатамошни реформи заедно со тековната програма на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Северна МакедонијаТоа ќе ѝ помогне на Северна Македонија да напредува на нејзиниот европски пат, стои во соопштениеето на ЕУ. 

Според него, ослободувањето на овие средства доаѓа откако Комисијата утврдила дека Северна Македонија ги исполнила релевантните политички обврски договорени со ЕУ за исплата на првата транша.

-Северна Македонија постигна напредок во областа на јавните финансии со формирање независен Фискален совет и со зајакнување на управувањето со јавните инвестиции. За да ги зголеми јавните приходи, Северна Македонија усвои мерки за даночна политика со кои се проширува даночната основа. Владата исто така направи дополнителен напредок кон формализирање на неформалната економија и презеде мерки за подобрување на енергетската ефикасност. Најпосле, Владата го зајакна судството со нова Стратегија за реформи во правосудството, порачува Брисел.

Целокупната тековна макрофинансиска помош за Северна Македонија е вредна 100 милиони евра во форма на заеми. По исплатата на оваа прва транша од 50 милиони евра, останува достапна втора транша од истиот износ, во зависност од напредокот на договорените услови. 

Севкупно, од 2020 година, ЕУ има исплатено околу 210 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија. Тука е вклучена и оваа исплата од 50 милиони евра