Европска демократска партија: Европа треба да застане на страната на граѓаните на Србија кои бараат вистина и одговорност

Европската демократска партија денеска посочи дека раководството на Србија, почнувајќи од претседателот Александар Вучиќ, продолжува да ја избегнува одговорноста за падот на бетонската настрешница во Нови Сад и ги повика европските лидери да застанат на страната на граѓаните кои бараат вистина, безбедност и одговорност.
На денот кога се навршуваат девет месеци од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, Европските демократи наведуваат дека граѓаните и студентите продолжуваат да бараат правда за жртвите и елиминирање на корупцијата и неказнивоста, што доведе до смртта на 16 лица.
„Граѓаните и студентите ги исполнија улиците барајќи правда – за жртвите и против корупцијата и неказнивоста што ја овозможија таа катастрофа. Сепак, политичкото раководство, почнувајќи од претседателот Вучиќ, продолжува да ја избегнува одговорноста“, соопшти проевропската центристичка партија на X.
Партијата, чии членови во Европскиот парламент припаѓаат на либералната група Обнови ја Европа, посочи дека доцнењето во спроведувањето на правдата има негативен ефект врз демократијата.
„Кога правдата се одложува, демократијата се поништува. Европа мора да застане на страната на оние кои бараат вистина, безбедност и одговорност“, додаде партијата чиј претседател е францускиот премиер Франсоа Бајру.