Европо израдувај нè – после ќе плачеме


АЛЕКСАНДАР ЦВЕТКОСКИ

Точно е дека владата може да падне поради одложување на датумот, но не е дека сторивме сè за да стасаме навреме и во врска со тоа, логична е народната: „многу баби – децата килави“. Ако го имаме СДСМ на ум, уште пологична е: „Не гали го детето – ќе го распрдиш“. Имаме разбирање за оправдувањата од корпусот „креативна инерција на рушењето“, но оваа влада дојде на власт (не без наша помош) токму со приказната дека на „заробената држава“ ќе ѝ стави крај. Барем да се обидоа посериозно…

Додека Заев беше на „службен пат“, „домаќинката“ во владата разви црвен бајрак, сите критичари ги направија злонамерни свекрви, „децата“ ја напрчија целата идеја за животот, а реформите се сведоа на „барем почнавме“, како да е ова Данска, па некој автоматски ќе ги имплементира. Опозицијата не се пали на реформи, освен ако не се поврзани со СЈО и со добивање власт. Велат, добро им оди и со елиминирање на СЈО, но кој да им верува? Или треба?

Главно, датумот за Македонија ќе биде награда за намери, а не признание за стореното. Затоа, да не влегуваме во пропаганда и да видиме што велат „странците“ за нас и нашите реформи, за да пробаме да сфатиме: Има ли реформи и ако нема зошто не?

„Фридом хаус“ од 1992 до 2018 година не ја смета Македонија како слободна земја и прво била „фалична“ демократија, а после 2015 „хибриден режим“ и системот сè уште ни го нарекуваат „делегитимиран“, мерено со методологијата „Индекс на демократија“, кој е мошне прецизен. Ова не зачудува. И во анкетата на ОН „Е-влада за иднината која ја посакуваме“, Македонија го зазема последното место во сите сегменти.

Според наодите на ГРЕКО и ОН, џабе реформирањето без пораст на професионалната етика и личниот интегритет, посебно во високото образование. Странците имаат многу форми за тестирање и утврдување на интегритетот и тие функционираат како да се устав, а кај нас сите носат „етички кодекси за драпање“, па дури и Собранието донесе еден таков, ама Комисијата за мандатно-имунитетски прашања нема донесено правилник за постапување и не може да се започнат постапки и претставки.

Сите знаеме дека политиката редовно излегува од рамките на правото. Затоа, европските институции воведуваат стандарди и процес на јурисдикација на политиката, за да можат да ја стават политиката во рамки на правото и да нема субјективни оценки. По мерењето со „Нациите во транзиција“ системот, Македонија повторно покажува назадување.

Нема кој нема да се согласи дека човековиот развој зависи од образованието и неговиот квалитет. Така, ПИСА-програмата на ОЕЦД измерила дека децата во Македонија, додека наполнат 18 години, се очекува да завршат 11,2 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се приспособат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалент на само 6,8 години. ИИндексот на човечкиот капитал“ покажува дека дете родено денес во Македонија, ќе достигне 53 отсто од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне (девојчињата 55 отсто и машките 52 отсто), во споредба со она што би можело да го достигне, со добро здравје и квалитетно образование. За нас овие показатели речиси и ништо да не значат, но Светска банка веднаш поддржа наши проекти за подобрување. Се разбира дека овие проекти се од кредити и дека нема да дадат резултати.

Сепак, најсериозни се предупредувањата од Светска банка, која понуди и куп докази, за кои никого мува не го лази. Во „Прегледот за јавни финансии“, тие ни објасни зошто е толку остра нашата политичка борба: „Повеќе од 13 проценти од сите државни расходи можат да бидат заштедени“. (Непродуктивни трошоци). Да преведеме? ОК! Велат: „Арамилакот и партиското мезе од буџетите ви е минимум 13 отсто од сите буџети (и државен и општинските). Уште поблиску? ОК! Крадете и пустите 481 милион евра годишно. За тие пари и мафијата од Сицилија би дошла да работи кај нас. Ама, кој ја пушта да дојде – ние си ги имаме тајните служби, нашата гордост и мафија.

Но како се пустат и крадат 481 милион евра годишно? Тука Светска банка одговорила дипломатски, а ние ќе парафразираме, што е 100 отсто точен „превод“: …немате планирање на трошење за одржување згради, инфраструктура, патна мрежа; ниту системи за собирање податоци за сообраќај, ефикасност и автономија на болници, земјоделски субвенции; насочувате премногу пари за терцијарна здравствена грижа (се оди на специјалист за секоја ситница), немате ефикасно превентивно здравство; ги кратите и пренасочувате капиталните инвестиции, лошо и погрешно ги планирате („автопати на свлечиште“); трошите за глупости; го гушите приватниот сектор со многу закони, рекет и системско нарушување на конкуренцијата; средното образование произведува неупотребливи кадри и сите завршивте факултети, а ништо не знаете, а и да знаете тоа не му е потребно на вашето стопанство; слабо се развивате, но загадувањето ви е како да сте Кина и секоја година загадувањето на воздухот генерира загуби еквивалентни на 3,2 проценти од БДП; корумпирани сте до коска и тоа го гуши развојот; продуктивноста на трудот ви е африканска; во БДП услугите влегуваат само со 25 отсто и тоа неквалитетни, од 2008 до 2017 го удвоивте јавниот долг, а ништо не произведовте со тие пари; пензискиот дефицит ви е над четири отсто од БДП – за една деценија го заголемивте за 150 отсто и никаде не заштедивте, освен на маката на сиромаштијата…

Оваа листа може да биде колку „Војна и мир“. Колку е проблемот голем говори и фактот дека просечниот работник во Европа е за четири пати попродуктивен од македонскиот работник, а околу 70 отсто од македонските 15-годишници не поседуваат основни вештини за читање и броење.

Ете, тоа е ветената земја за нашите политичари: уништи го училишниот систем и универзитетите, стандардите, експертизата, за да можат да владеат без никаква контрола. Ако на тоа се додаде „Индексот на медиумска писменост“, во кој сме убедливо први одназад, јасно е дека долгорочната маргинализација и заглупување на популацијата резултира со спокојство на нашите политичари – хохштаплери, кои знаат дека „народецот“ нема ништо да сфати за реформите, па сите ние „учените“ можеме да си переме пелени, а тие ќе се смешкаат и ќе речат: „Партијата ќе реши за мојата државна функција“, а вие крадете од тоа проектите (барем да грешеа).

„Странците“, од дипломати, па до меѓународни истражувачки и мониторинг-организации, се нашите најголеми пријатели, а „нашите“ да ти биле најголемите душмани, но, како и во сите приказни за возрасни, заплетот настанува кога со душманот легнуваш в кревет, започнуваш бизнис или реформи – своеволно.

Првата проверка на волјата нема да биде датумот, туку СЈО. Ако го „отфикарат“ или „затутулат“, веднаш ќе знаеме дека нема политичка волја за реформи. Потоа се централните и локални пиончиња и носењето на поочакалени функционери, за да има резултати. Редоследот е битен, СЈО – прво, оти има повисока доверба во трите женски, отколку во сите партии заедно, а народот сака да види криминалци во затвор, колку поголеми – толку подобро. Тоа ќе го добиеме, па макар и на предвремени парламентарни избори. После тоа ќе отвораме поглавја и малку ќе ни бидат двете очи за плачење.

 

Колумната е дел од проектот со наслов: „Детски болести на демократијата“, поддржан и финансиран од НЕД, во имплементација на АГТИС и има за цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста на нашата влада, по прашања на реформите и нивните постигнувања.