Европејците трошат значително помалку пари за лекови од Американците: Што најмногу влијае на цената?

Европејците плаќаат различни цени на лековите во зависност од тоа каде живеат, но трошат значително помалку од граѓаните на Соединетите Американски Држави.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник ја критикуваше Европската Унија објавувајќи планови за намалување на трошоците за лекови за американските граѓани.
„Ќе платиме колку што плаќа Европа“, изјави Трамп пред новинарите, додавајќи дека земјите од ЕУ се „тешки“, „брутални“ и „груби“ во преговорите со фармацевтските компании, пренесува „Еуроњуз“.
Цените на лековите во САД се меѓу највисоките во светот. Таа земја потрошила 617,2 милијарди долари (542,7 милијарди евра) за лекови во 2022 година, додека 24 европски земји заедно потрошиле 233,5 милијарди долари (205,3 милијарди евра), според анализата на корпорацијата RAND.
Планот на Трамп предвидува поврзување на цените на американските лекови со најниските цени во другите развиени земји – освен ако самите производители прво не ги намалат цените. Сепак, сè уште не е јасно како би можел да се спроведе овој план или колку заштеди би им донел на американските пациенти.
Зошто лековите се поскапи во САД? И што е тоа во европскиот пристап кон цените на лековите што, според Трамп, е „тежок“, „брутален“ и „непристоен“?
Цените се повисоки во САД бидејќи фармацевтските компании тврдат дека мора да ги покријат високите трошоци за развој на нови лекови – додека европските земји преговараат за намалување на цените, за разлика од американската влада, која генерално не го прави тоа.
Според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), повеќето европски земји ги земаат предвид цените на истите лекови во други земји кога одлучуваат колку се подготвени да платат.
Сепак, Европејците не плаќаат исто за лекови – цените варираат во зависност од земјата.
На пример, Швајцарија троши просечно 525 евра по лице годишно за лекови, додека Хрватска издвојува 262 евра.
Една од причините се доверливите преговори со фармацевтските компании, кои, според критичарите, можат дополнително да ја зголемат цената на веќе скапите лекови.
„Практично нема транспарентност“, изјави за „Еуроњуз Хелт“ Хусеин Начи, вонреден професор по здравствена политика на Лондонската школа за економија.
Земјите се водат од различни критериуми за време на преговорите. Во Англија и Шведска, клучен е односот цена-корист, додека Германија проценува колку еден нов лек може да ја подобри состојбата на пациентот во споредба со постојните терапии.
Вреди да се напомене дека цените на лековите во европските земји се зголемија во последните години. На пример, во Германија, трошоците за лекови во болниците се зголемија за 11,5 проценти, а во аптеките за 2,6 проценти помеѓу 2012 и 2022 година.
Здравствените осигурители минатата година предупредија дека зголемувањето на цените на лековите веќе ги оптоварува државните буџети.
„Цените се веќе превисоки во многу европски земји, со оглед на тоа колку можат да издржат јавните здравствени системи“, вели Начи, предупредувајќи дека дополнителниот притисок од САД или фармацевтските компании за зголемување на цените би „сериозно го загрозил системот“.
Во рамките на Европа, постојат разлики и во тоа кој точно ги сноси трошоците за лековите – повеќето од нив се покриени од јавните здравствени системи, но некои се плаќаат од сопствен џеб или преку дополнително здравствено осигурување.
Во балтичките земји, според СЗО, пациентите можат да плаќаат различни цени за ист лек, во зависност од болеста што ја имаат. Во Естонија, Полска и Франција, постојат рецепти со фиксна партиципација.
На Кипар, во 2022 година, државата (заедно со задолжителните здравствени фондови) покрила 90 проценти од вкупните трошоци за лекови, додека во Бугарија овој удел изнесувал само 23 проценти. Овие податоци ги вклучуваат сите лекови, не само лековите што се издаваат на рецепт.
„Очекувањето здравствените системи да плаќаат уште повеќе за лекови едноставно не е реално“, заклучува Начи.