Европа може да се соочи со недостиг од дизел и гориво за авиони најдоцна во мај


Азија досега е најпогодена од прекините во снабдувањето со енергија од Блискиот Исток, а Европа може да се соочи со недостиг од дизел и гориво за авиони најдоцна во мај, предупреди шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол.

Иран одговори на американско-израелските напади врз енергетската инфраструктура со напад врз енергетски објекти во други земји од регионот на Персискиот Залив кои „домаќини“ беа американски воени бази.

Техеран, исто така, ја презеде контролата врз Ормутскиот теснец, забранувајќи го транзитот на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници. Бродовите од „пријателски“ земји, сепак, мора да го координираат транзитот со иранската морнарица.

Сегашната глобална енергетска криза е посериозна од нафтените шокови од 1973 и 1979 година, како и од недостигот на гас од 2022 година поврзан со руската војна во Украина, рече Бирол во подкаст со шефот на норвешкиот пензиски фонд Николај Танген.

Иранските напади врз енергетските капацитети и ограничувањата за навигација низ Ормутскиот теснец ги намалија испораките на нафта од регионот за повеќе од 12 милиони барели дневно, рече Бирол.

Во нафтените кризи од 1973 и 1979 година, беа изгубени околу пет милиони барели дневно, потсети шефот на ИЕА.

Глобалното снабдување со гас се намали за околу 75 милијарди кубни метри во текот на 2022 година, но сегашниот недостиг е уште поголем, додаде тој.

„Април ќе биде многу полош од март“, предупреди Бирол, истакнувајќи дека во март нафтата и течниот природен гас сè уште пристигнуваа на пазарот.

„Нема ништо во април“, нагласи тој, според извештајот на турската новинска агенција Анадолу.

Членовите на ИЕА одлучија кон средината на март да пласираат на пазарот рекордни 400 милиони барели нафта од резервите, најмногу во историјата, потсети шефот на агенцијата.

„Но, морам да бидам целосно искрен, тоа само го ублажува проблемот, а нема да го реши. Клучното решение е отворањето на Ормутскиот теснец“, рече тој.

Пресметките покажуваат дека вкупниот губиток на испораки од регионот на Персискиот Залив во март достигнал нешто повеќе од 370 милиони барели нафта.

Според Бирол, најголемиот проблем е недостатокот на гориво за авиони и дизел.

„Го гледаме тоа во Азија, но наскоро, мислам дека во април или мај, и Европа ќе го почувствува тоа“, додаде тој.

Европа планира да пласира на пазарот 73 милиони барели нафтени деривати и околу 35 милиони барели сурова нафта од крајот на март, според податоците на ИЕА објавени на 15 март.

Бирол, исто така, предупреди дека околу 40 клучни енергетски објекти на Блискиот Исток се оштетени од почетокот на војната и дека ќе биде потребно време за да се вратат во функција.

„Ни се заканува многу големо нарушување, најголемо во историјата“, заклучи Бирол.