Европа е во сѐ поголема криза со водата
Водните ресурси на континентот се под сериозен притисок и не е постигнат значителен напредок од 2009 година, се вели во извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), цитиран од меѓународната организација за животна средина ВВФ.
Авторите на студијата нагласуваат дека во Европа: помалку од 40% од површинските води, како што се реките и езерата, моментално се дефинирани како здрави; речиси 1/4 од подземните водни тела не се во добра хемиска состојба, и покрај тоа што обезбедуваат речиси две третини од нашата вода за пиење; помалку од 30% од реките, езерата и крајбрежните води ги исполнуваат стандардите за дозволено загадување утврдени со Рамковната директива за води, пренесува „Сега.бг.њус“.
Штетните земјоделски практики, особено интензивната употреба на хранливи материи и пестициди, продолжуваат да бидат најсериозниот проблем со кој се соочува квалитетот на водата. Дифузниот притисок на загадувањето од земјоделството влијае на 32% од подземните и 29% од површинските води. Други причини за лошата состојба на слатководните екосистеми вклучуваат хемиско загадување од електрани на јаглен, како и промени во реките предизвикани од изградба на брани и исправување на речните корита.
„Влошената состојба на водата во Европа покажува дека со години земјите членки не успеваат да се справат со кризата со вода. Рамковната директива е на сила повеќе од две децении. Сепак, нејзините цели остануваат во голема мера неисполнети бидејќи националните влади не ги прифаќаат нејзините барања сериозно. За жал, има дури и силни повици да се ослабнат стандардите на директивата за да се олеснат штетните проекти И ова се случува во време кога навистина ни е потребна бескомпромисна заштита на нашите водни ресурси“, коментира Клер Бафет од Канцеларијата за европска политика на ВВФ.
Според последното истражување на Евробарометар, 78 отсто од Европејците сакаат ЕУ да направи повеќе за да се справи со загадувањето на водата.