Европа е подготвена да води „мултинационална сила“ во Украина
Предлогот е дел од новиот пакет безбедносни гаранции, поддржан од Белата куќа, што би можел да означи пробив во постигнувањето договор
Европа е подготвена да предводи „мултинационална сила“ во Украина како дел од предлогот на САД за мировен договор меѓу Русија и Украина, изјавија европските лидери.
Во соопштението, лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и осум други европски земји изјавија дека војниците од „коалицијата на оние што се волни“ со поддршка на САД би можеле „да помогнат во регенерацијата на украинските сили, во обезбедувањето на небото на Украина и во поддршката на побезбедните мориња, вклучително и преку дејствување во Украина“.
Предлогот беше дел од новиот пакет безбедносни гаранции, поддржан од Белата куќа, што би можел да означи пробив во постигнувањето мировен договор меѓу Москва и Киев, изјавија американските и европските лидери. Но, тие додадоа дека остануваат значајни разлики околу идниот статус на украинските територии окупирани од Русија.
Трамп им рече на новинарите во Овалната соба во понеделникot дека имал „многу долги и многу добри“ разговори со украинскиот колега Володимир Зеленски и европските и НАТО лидери, додавајќи: „Имавме бројни разговори со претседателот Путин од Русија и мислам дека сега сме поблиску отколку што сме биле кога било и ќе видиме што можеме да направиме“.
На прашањето дали неодамна разговарал директно со Владимир Путин, Трамп одговори „да, разговарав“, но не даде никакви детали.
Но, Трамп се чини дека сугерираше дека во замена за безбедносни гаранции, Украина мора да се согласи да ѝ ги даде на Русија деловите од источниот регион Донбас што Киев сè уште ги држи – нешто што Зеленски претходно го отфрли.
„Па, тие веќе ја изгубија територијата, да бидам искрен“, рече тој кога го прашаа каков поттик ќе има Украина за да се откаже од земјиштето.
Зеленски рече дека разговорите со претставниците на Трамп „не биле лесни“, но донеле „вистински напредок“ по прашањето за безбедносните гаранции. Сепак, разликите останаа по прашањето за тоа која територија. „Имаше доволен дијалог за територијата и мислам дека, искрено кажано, сè уште имаме различни позиции“, им рече Зеленски на новинарите.
Според предлогот, Украина ќе има западна поддршка за одржување на постојана армија од 800.000 војници, САД ќе водат „механизам за следење и верификација на прекинот на огнот“ за да обезбедат рано предупредување за секој иден напад, а европските земји, исто така, ќе потпишат „правно обврзувачка обврска, предмет на националните процедури, да преземат мерки за враќање на мирот и безбедноста во случај на иден вооружен напад“. Европа, исто така, ќе го поддржи пристапувањето на Украина во Европската uнија. Договорот ефикасно би обезбедил гаранции „слични на член пет“ за Украина, според двајца американски функционери информирани за преговорите, споредувајќи ги безбедносните гаранции со оние што им се дадени на сојузниците на НАТО од странски напади.
Американската делегација, која ја предводеа американскиот претставник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, изјави дека Зеленски и европските лидери позитивно одговориле на најновиот предлог на Белата куќа за безбедносни гаранции слични на оние дадени на сојузниците од НАТО, и имаат намера да ја спречат Русија да ја продолжи својата инвазија доколку се постигне мировен договор.
„Мислам дека Украинците би ви кажале, како и Европејците, дека ова е најсилниот сет безбедносни протоколи што некогаш го виделе“, рече еден американски функционер информиран за преговорите. „Тоа е многу, многу силен пакет. Се надевам дека Русите ќе го разгледаат и ќе си речат: „Тоа е во ред, бидејќи немаме намера [да ја рестартираме војната]“. Ќе им веруваме на збор“.
Американските претставници одбија да дадат конкретни детали за тоа што би вклучувал тој безбедносен пакет и кој би ја бранел Украина доколку Русија ја продолжи својата инвазија откако ќе се постигне мировен договор. Тие потврдија дека САД нема да испраќаат војници на терен во Украина како дел од договорот.
Сепак, германскиот канцелар, Фридрих Мерц, на прес-конференција во понеделникот изјави дека верува оти двете страни се најблиску до вистински мировен процес откако започна руската инвазија во 2022 година.
„Она што САД го ставија на маса тука во Берлин во однос на правните и материјалните гаранции е навистина значајно“, рече Мерц за време на заедничката прес-конференција со Зеленски.
Зеленски денеска е во Холандија каде што зборуваше пред долниот дом на парламентот. Тој ги критикуваше територијалните барања или сугестиите на Русија дека таа би можела да ја ограничи способноста на Украина да се приклучи на меѓународни сојузи.
Тој особено ги истакна нејзините барања Украина да „се откаже од делови од нашата земја што дури и не успеала да ја освои“ или бара „Украина да прифати ограничувања на нашето право да се приклучи на алијансата и на нашиот суверенитет“.
Тој рече дека Русија е постојан прекршител. „Не е доволно да се принуди Русија на договор. Не е доволно да се натера да престане да убива. Мора да ја натераме Русија да прифати дека постојат правила во светот и дека не може да ги измами сите. Ова е патот кон траен мир“.