Еврокомисијата промовира Визија за иднината на земјоделството и храната во ЕУ

Европската комисијата денеска претстави амбициозен патоказ за иднината на земјоделското и прехранбеното производство во Европа, наречен Визија за земјоделството и храната, чиј цел е да постави основа за изградба на атрактивен, конкурентен, издржлив и праведен земјоделско-прехранбен систем за потребите на сегашните и идните генерации земјоделци.
При презентацијата на Визијата, извршниот потпретседател на Европската комисија за кохезија и реформи, Рафаеле Фито порача дека овој документ претставува решителен одговор на барањата на земјоделско-прехранбениот сектор во ЕУ за акција и за обликување на конкурентна, прилагодлива, фер и атрактивна иднина за генерациите што доаѓаат.
– Таа е отелотворение на просперитетна Европа, во која руралните области претставуваат енергични и поврзани центри на традицијата и иновациите. Комисијата ќе работи заедно со земјоделско-прехранбениот сектор за подобрување на неговата конкурентност и прилагодливост, за зајакнување на локалната димензија и за враќање на виталната врска помеѓу храната, почвата, сезонската реколта, културата и традицијата, истакна Фито.
Според него, со овие планови ќе се обезбеди зајакнување и подобра координација на инструментите за финансирање на одредени секторски политики, со цел да се овозможат ефикасна поддршка и видливи резултати за руралните заедници.
Еврокомесарот за земјоделство и храна Кристоф Хансен при претставувањето на Визијата истакна дека на ЕУ и е потребен процут на земјоделско-прехранбениот сектор, кој ќе може да се натпреварува на фер глобалниот пазар и ќе биде доволно издржлив за да се справи со евентуални кризи и шокови.
– Храната и земјоделството се од витално значење за луѓето, економијата и општеството во Европа. Мора да обезбедиме сопствен суверенитет на храната, со оглед на ризиците и ранливоста на денешниот свет кој брзо се менува, рече Хансен.
Тој нагласи дека Визијата презентирана денеска ќе го трасира патот за справување со многуте притисоци со кои се соочуваат земјоделците во ЕУ, ќе го направи земјоделскиот сектор поодржлив и ќе му помогне на земјоделството да остане атрактивно и исплатливо, со цел со него да се занимаваат доволно млади луѓе.
– Тоа ќе му овозможи на земјоделството да продолжи да игра важна улога во напорите на ЕУ за борба против ефектите од климатските промени. Со почитување на нашата различност, со приспособен пристап и со консултации со сите вклучени страни, ќе формираме атрактивен земјоделски и прехранбен сектор за генерациите што доаѓаат, додаде Хансен.
Во документот се посочува дека понатамошното поедноставување на политиките на ЕУ и зголемување на обемот на иновациите и дигитализацијата, се предуслови за остварување на целите на оваа Визија.
Во неа се наведи четири приоритетни области на ЕУ за земјоделскиот сектор – одржување на неговата атрактивност преку финансиска поддршка и кредитирање, зајакнување на неговата конкурентност и отпорност со засилена контрола на почитување на стандардите за безбедност на храната, усогласување со политиките за климатска акција и намалување на емисиите на јаглерод и воспоставување правични услови за живот и работа на населението во руралните области.
Во Визијата се најавуваат и измени во Заедничката земјоделска политика на ЕУ, со цел да се обезбедат нејзино поедноставување и поддршка што првенствено ќе биде насочена кон земјоделците кои активно се занимаваат со производство на храна, со посебен фокус на младите фармери и оние лица кои се занимаваат со земјоделство во области со природни ограничувања.
– Ќе се фаворизираат стимулации, наместо услови, посочува Европската комисија, која најави и дека во текот на годинава ќе предложи и поедноставување на постојната Земјоделска законодавна рамка и дигитална стратегија за земјоделството, чија цел ќе биде поддршка на напорите за транзицијата кон дигитален земјоделски сектор.