Евроaмбасадорот Рокас во Кочани: Се побара помош за реновирање на Спомен домот АСНОМ


Делегација на Европската унија, предводена од евроамбасадрот Михалис Рокас, денеска беше во официјална посета на Општина Кочани, при што се сретна со в.д градоначалникот Венко Крстевски

На средбата беа споделени информации за актуелната ситуација во општината, како и за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и вработените во институциите.

-Ги претставивме можностите и потенцијалите за развој на градот, со акцент на младите кои ќе бидат едни од главните приоритети на Општината во следниот период. Во рамки на средбата беше презентиран и Спомен домот „АСНОМ“ како еден од капиталните објекти на градот, којшто во иднина треба да се реновира и да биде ставен во функција на младинските организации, истакна в.д. градоначалчникот Крстевски.

На средбата со европските претставници се разговараше и за досегашната поддршка од страна на ЕУ и за тековните проекти што се финансираат со средства од европските фондови. Стана збор за продолжување на соработката и обезбедување поддршка во повеќе сегменти и проекти што Општината ќе ги подготви за да овозможат надминување на состојбата по трагедијата во Кочани.