Евро + сонг


Лејла Сабит

Ние сме музикален народ што сака сеир.

Не бидува за пеење и за кукање дека имаме пејачи, а немаме песни, дека имаме таленти, а немаме спонзори, дека имаме харизма, а немаме публика, дека немаме пари, ама имаме срце и душа.

Ние сме народ што повеќе наоѓа маани од доблести, повеќе плукаме отколку што фалиме, повеќе навредуваме отколку што се извинуваме, повеќе озборуваме отколку што учиме, повеќе сме кукавици отколку што сме храбри, повеќе копираме отколку што сме оригинални.

Повеќе сакаме полесно отколку потешко до врвот, повеќе сакаме врски отколку препораки, функции отколку знаење, живот на висока нога отколку слобода.

Поубаво ни е туѓото отколку своето, твоето отколку моето, вашето отколку нашето, им завидуваме на другите, а ништо не правиме за себе, повеќе сакаме помош отколку иницијатива, фондови отколку заеми.

Не се бориме за пријатели, повеќе имаме непријатели, се отуѓивме и од комшиите и од роднините, со колегите поминуваме повеќе време отколку дома, повеќе трошиме време на социјалните мрежи отколку на дружба, мобилките ги заменија муабетите, сè се гледа и ќе се дознае на Фејсбук и на Инстаграм.

Дојде време животот да ви зависи од лајк и од дислајк, да не знаете што е вистинска, а што лажна вест, што е вистинска, а што фотошопирана фотка, да ве сликаат скришно, секој може да ви напише што сака без никакви последици, не можете да се браните, само да кревате рамена како за сè друго во животот и работата.

Ама како велат – кој пее, зло не мисли.

Се гордееме што Тамара нè претставува на Евросонг 2019, ама ви текнува ли на муабетите: кој ја избра, зошто таа, зошто балада, дали Ношпал ќе ја облече гламурозно, нели лиценцата е прескапа за Македонија ?

Ако влеземе во финале, супер, ако не влеземе, ќе почнат пак муабетите дека одиме џабе на Евросонг!

И во Европа животот не е песна и сè се врти околу моќта и парите.

Затоа во мај ќе седнеме во фотелјите од навика и ќе уживаме во обединета Европа од Тел Авив, убави песни, гардероба и разгледници.

Поголем сеир, здравје!