„ЕВН Македонија“ му отстапи на Археолошкиот музеј парцела на локалитетот Тумба Маџари


Компанијата „ЕВН Македонија“ на Археолошкиот музеј на Македонија  му отстапи на долгорочно користење парцела, што е во нејзина сопственост, и се наоѓа до самиот локалитет – музеј на отворено „Неолитско село – Тумба Маџари“ во општина Гази Баба. 

Парцелата има површина од 6000 квадратни метри и во иднина ќе биде истражувана со ископувања од археолозите. Договорот денеска го потпишаа директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, и претседателот на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Волфганг Маиер, во присуство на министерот за култура и туризам Зоран Љутков и амбасадорот на Австрија Мартин Памер.

Претседателот на УО на „ЕВН Македонија“ Маиер истакна дека е многу горд што следната година ќе бидат 20 години откако оваа австриска компанија  е активна во Северна Македонија и поради тоа што ЕВН, како што рече,  не придонесува само во подобрување и иновации во секторот на електричната енергија, туку се обидува да биде дел и од македонското општество како одговорна компанија. 

-Овој договор за отстапување на парцелата за истражувања на Археолошкиот музеј е симбол на посветеност за презентација на културното наследство и заштита за идните генерации. Ова наследство не е важно само за историјата на Македонија туку е дел и од европската цивилизација, истакна Маиер. 

За директорката Манаскова, поддршката од „ЕВН Македонија“ е пример за општествена одговорност и рече дека договорот е „основа за долгорочна соработка која ќе овозможи подобри услови за работа на археолошкиот локалитет Тумба Маџари како и нови проекти во служба на јавниот интерес“. 

-Тумба Маџари не е само археолошки локалитет, туку жива трага на стара култура од 8000 години чии остатоци се длабоко вградени во современото културно ткиво и која нѐ учи дека идентитетот не е фиксиран симбол туку континуитет на значења што се обновуваат низ времето, истакна Манаскова.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков посочи дека со стапување на функцијата лани најпрво се соочил со „предизвикот да се решат имотно-правните односи на парцелата“. Таа е во сопственост на ЕВН, но досега била користена од локални жители како земјоделска површина. 

-Ограничувањето на сопственоста значително влијаеше на просторот за работа на локалитетот и ги спречуваше луѓето овде во нивните напори за зачувување и за истражување на ова огромно значајно културно наследство. Денес со гордост можам да кажам дека имаме голем напредок, добивме голем простор кој ќе овозможи да го развиваме локалитетот на начин каков што заслужува. Со потпишувањето на договорот, Тумба Маџари ќе добие нова перспектива. Не како во минатото мирно да почива под земја, туку како жив простор што ќе продолжи да раскажува, да поучува и да нѐ поврзува, истакна  Љутков. 

Присуствуваше и австрискиот амбасадор во земјава, Мартин Памер, според кого настанот е „значаен и симболичен за билатералната соработка меѓу Австрија и Северна Македонија“, а особено, рече, „меѓу австриските компании и вашата преубава татковина“.

-Првпат сум тука, но знам какво импресивно културното наследство има Северна Македонија – од античките времиња, палеолитот и неолитот, исто така и од римскиот период, како што се Стоби и Скупи, кои се дел од она што им го претставувам на моите гости што  доаѓаат во Скопје и Северна Македонија. Во иднина, исто така, ќе доаѓаме и во Тумба Маџари, додаде Памер.