Еве во кој македонски град Северина ќе одржи концерт на 28 август


Регионалната поп-ѕвезда Северина, на радост на македонските фанови, ќе одржи концерт во Македонија на 28 август. Не е во Скопје ниту во Охрид. 

Општина Крива Паланка годинава е носител на манифестацијата „Град на културата”, а покрај богатата програма, особено во август, од општината го најавија и големиот концерт на хрватската пејачка Северина, за 28 август, на Голема Богородица, во пресрет на 29 август, празникот на градот и денот на чествување на светецот – закрилник на Крива Паланка, Св.Јоаким Осоговски.

-Со задоволство го најавуваме концертот на една од најпопуларните регионални музички ѕвезди, кралица на сцената чиишто хитови се неодминлив дел од секоја забава, хрватската пејачка Северина, главна ѕвезда на големиот празничен концерт во Крива Паланка на 28 август 2024. Концертот е со почеток во 22 часот и 30 минути на градскиот плоштад, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Продолжува традицијата на организација богата летна култура програма во Крива Паланка, по минатогодишниот концерт на Здравко Чолиќ, годинава Северина.

Од општината велат дека на 28 август сите патишта ќе водат во Крива Паланка – “Градот на културата “.

Неделава не изостануваат бројните настани на програмата на “Кривопаланечко културно лето” и манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата”.

Вечер на летната сцена во градскиот парк ќе се одржи Меѓународната поетска манифестација”Лирски треперења “, утре, 15 август во дворот на основното училиште “Св.Јоаким Крчовски” ќе гостуваат “Europ’Raid”- караван на тркала”Пежо 205″ со 600 Французи, подоцна во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка ќе бидат изложени минијатури на уметничката Александра Гедеон, во 19 часот и 30 минути, додека од 21 часот во градскиот парк ќе се одржи концерт на Bad ass all.

За петок, 16 август, е закажан концерт на Наташа Малинкова, која ќе донесе музичка вечер со незаборавни хитовски рефрени, концертот е во 20 часот, а во исто време ,сабота, 17 август ќе се одржи ретроспективен концерт на детскиот музички фестивал „Распеано симитче”.