Еве како изгледа браната „Конско“ која ќе го препороди Гевгелискиот регион (Галерија)

Со водата од браната ќе се наводнуваат најмалку 6.500 хектари во Гевгелиското Поле. Езерот ќе се користи и за производство на електрична енергија


 

На 20 километри западно од градот Гевгелија, на пониските падини на планината Кожуф, на Конска Река, изградена е браната „Конско“. Браната е висока 79,65 метри, со наклон од 1:1,8, изградена од карпесто полнење – габро, со две преодни зони кон дијафрагмата (нагорно и низводно) и горната тампонирана брана, која се користи за заштита на градежната јама. Активностите во изминатите години се изведуваа меѓу 480 и 550 метри надморска висина.

Со изградба на браната „Конско“ ќе се формира акумулација со волумен од околу 20 милиони метри кубни, на површина од 10,8 хектари и во должина од 2,5 километри. Акумулацијата ќе има намена да ги снабдува потребите за наводнување на дел од Гевгелиското Поле, со површина од 7.436 хектари.

Ова, накусо е „личната карта“ на најголемиот инфраструктурен проект во овој регион во изминатите 50 години, која што е презентирана на страницата на турската компанија „Серка интернационал“ која во конзорциум со „Ак Ели“ го изградија овој величествен објект. Надзорот го извршуваше Градежниот институт.

 

Проектот ги вклучува следните структури: Карпеста брана Конско, Галерија за контрола и фугирање, Тунел за пренасочување, Долен штекер, Преливна структура (преден преливник, канал и ски-скок), горната брана, Доводна кула на долниот штекер (објект за главна тркала),
Мост од доводната кула до платото на сртот на браната, Комора за итни порти, Куќа со излезна порта.

Локацијата на галеријата е во средишниот дел на телото на браната, поместена низводно за 1,85 метри од оската на браната и асфалтната дијафрагма. Од дното, на кота од 475,47 метри надмосрка висина, до кота од 499,33 мнв., проектиран е третиот тип, со соодветни димензии и должина од 128,36 метри.

Од кота од 499,33 мнв до кота од 522,63 мнв., проектиран е вториот тип на контролна галерија, со вкупна должина од 98,31 метри.

Од котата од 522,63 до котите 536,5 на левиот брег и 531,5 на десниот брег, предвиден е првиот тип на галерија, со најмала оптовареност и вкупна должина од 75,68 m.

Што ќе се овозможи со изградба на браната? 

Меѓу другото, модерно наводнување на најмалку 6.500 хектари во текот на целата година, зголемување на обработливите површини за пет пати, помали трошоци и поконкуреннто производство.

Овој капитален проект се реализира со инвестиција вредна над 40 милиони евра, обезбедена директно од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Новата вештачка акумулација е изградена со користење најсовремени технолошки методи, по светски стандарди. Водата од акумулациското езеро, освен за наводнување, ќе се користи и за производство на електрична енергија. Акумулацијата ќе овозможи и развој на руралниот туризам, спортски и рекреативен риболов, но ќе добие и нова, дополнителна вредност со предвиденото поставување на пловечките фотоволтаци.

Изградбата на браната „Конско“ како дел од Хидромелиоративниот систем „Гевгелиско поле“ е една од најсериозните инвестициии во македонското земјоделство, но и на енергетски план со оглед дека транспортирањето на водата за наводнување може да се користи и за производство на електрична енергија.

Со новата акумулација еден од најплодните региони  во земјава, гевгелиското поле ќе има можност за пристап до дополнителни сериозни количини вода за наводнување. Покрај гевгелискиот регион, акумулацијата ќе може да ги снабдува со вода за наводнување и Богданци и околината, како и дојранскиот регион.

Ова е особено важно ако се имаат  предвид климатските промени, кои кај нас предизвикуваат долги сушни периоди, кога секоја капка вода за наводнување е драгоцена. 

Браната „Конско“, која вчера беше опишана како „малку помала од Мавровската“, се очекува да има сериозно влијание и врз развојот на туризмот.

Инаку, како што посочи вчера министерот за земјоделство Љупчо Николовски, браната добива нова додадена вредност, бидејќи со грант од Шпанија, предвидена е изградба на пловечки фотоволтаици со што ќе се намали цената на водата за наводнување, а ќе се зголеми енергeтската независност на државата.

Планирани се и две мали хидроцентрали во рамките на хидросистемот, за што е потпишан меѓународен договор со консултант за имплементација CES (Consulting Engineers Salzgitter GmbH) кој што ќе ги извршува задачите за проектирање, надзор и учество во процесот на избор на изведувач на градежните работи. 

Хидросистемот „Конско“ заедно со ХС „Лисиче“, „Пепелиште“ и „Страиште“ се четирите нови хидросистеми кои се градат со поддршка од германската влада, како дел од Програмата за наводнување на Северна Македонија.

„Овие четири хидросистеми ќе обезбедат сигурно наводнување за нови 13.650 хектари земјоделско земјиште. Значајна и историски до сега, најголема капитална инвестиција во водоснабдувањето вредна над 110 милиони евра. Најголем бенефит ќе имаат земјоделците од општините по текот на реката Вардар, а тоа се Велес, Чашка, Неготино, Демир Капија, Валандово, Гевгелија, Богданци и Дојран“, рече Николовски. (Н.В.)