Еуроњуз: Софија ја блокира Македонија за да ги сокрие проблемите со антивладините протести
Европските лидери му дадоа зелено светло на Скопје за влез во ЕК, но сега постои уште една пречка – Бугарија, наведува Еуроњуз во анализа насловена „Бугарија става кочници за соништата на Северна Македонија за ЕУ“. Според Еуроњуз, причина за блокирањето се внатрешно-политичките проблеми на владата на бугарскиот премиер, Бојко Борисов.
„Софија, која моментално е зафатена со долготрајни антивладини протести, се противи на започнувањето на разговорите за членство, велејќи дека не е задоволна од сегашната рамка за преговори. Протестите против корупцијата во Бугарија траат повеќе од 100 дена, а демонстрантите бараат оставка од Борисов и главниот обвинител Иван Гешев. Тие се обвинети за поврзаност со олигархиската мафија“, наведува Еуроњуз.
Весникот нагласува дека за Бугарија процесот на пристапување кон Северна Македонија е начин да извлече отстапки во исклучително деликатен момент за Скопје.
„Иако повеќето од барањата се нематеријални прашања како идентитетот и историјата, тие ја одрзауваат потребата на бугарската Влада за заземе силна националистичка позиција поради внатрешно политички причини. Особено во време на обвинувањата за корупција, улични протести и економски тешкотии заради пандемијата“, пишува Еуроњуз.
Еуроњуз додава дека Бугарија сака Северна Македонија да признае дека јазикот што го зборува македонското мнозинство е бугарски дијалект, а бараат и Скопје го признае бугарското потекло на македонската нација и да се откаже од какви било тврдења дека во Бугарија има посебно македонско малцинство.
Според Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС), етничките Македонци сочинуваат 10 проценти од населението во Бугарија, наведува Еуроњуз. ИФИМЕС, во неодамнешната анализа тврди дека „бугарскиот и македонскиот јазик се два различни јазика за кои во меѓусебната комуникација е потребен превод, за разлика од на пример, во случајот на српскиот и хрватскиот јазик за кои во јазичната комуникација не се бара толкување“.