„ЕУ за чист воздух“ донира речиси 1.000 дрвја на Скопје
Акција за урбано зазеленување во Скопје за подобрување на квалитетот на воздухот
Скопје, 3 декември 2024 – Во рамки на тековните напори за борба против загадувањето на воздухот и подобрување на урбаните зелени површини, оваа недела, на Град Скопје му се испорачуваат 956 дрвја од 16 различни видови, преку проектот „ЕУ за чист воздух“ финансиран од Европската унија. Оваа иницијатива, која ја спроведува УНОПС, претставува значаен чекор кон создавање поздраво опкружување и зајакнување на отпорноста на градот на климатските предизвици.
Разновидноста на видовите гарантира биодиверзитет и придонесува за одржлив урбан екосистем. Дрвјата, внимателно избрани поради нивната адаптабилност на локалната средина и способноста за подобрување на квалитетот на воздухот преку филтрирање на загадувачите и намалување на CO₂, ќе бидат засадени во новиот парк во Карпош од страна на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ во текот на оваа седмица. Оваа иницијатива за садење ги поддржува општите цели на градот за намалување на загадувањето на воздухот, ублажување на ефектите од урбаните топлотни острови, подобрување на микро-климата, намалување на бучавата, регулирање на хидролошките циклуси и обезбедување поголем пристап до зелени површини за жителите.
Акција за садење дрвја е во согласност и ги надополнува останатите мерки во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“. Проектот, финансиран со 10 милиони евра од Европската унија, е насочен кон практични мерки за намалување на загадувањето и унапредување на јавното здравје. Покрај садењето дрвја, проектот вклучува и унапредување на станиците за мониторинг на квалитетот на воздухот, модернизација на системите за греење во јавните објекти и промоција на одржлива урбана мобилност.