ЕУ во 2035 година: Поголема, покомплексна и поцврста

До средината на 2030-тите, ЕУ би можела да има дури 36 во споредба со денешните 27 земји-членки


 
 Пред неколку недели, дипломиран студент ме предизвика да ја замислам Европската унија во 2035 година. Поголемиот дел од времето, не сме ни сигурни како ќе испадне следниот самит, или дали поделбата исток-запад и север-југ на блокот ќе биде премостена или избришана уште еднаш. Ако една недела е долго време во политиката, 12 години се вечност, а кристалната топка не е научен инструмент. Сепак, некои карактеристики на таа идна Европа се воочливи денес.
 
Како прво, ЕУ ќе има повеќе, не помалку, членки до средината на 2030-тите – можеби дури 36 во споредба со денешните 27. Тaа ќе биде поголема, покомплексна, но поцврста ЕУ, обликувана – како и секогаш – од неочекувани настани, а блокот ќе се бори да ги одбрани своите интереси и вредности во светот на ривалство на големите сили.
 
Од руската инвазија на Украина минатата година, геополитиката стана најсилната движечка сила што го зголемува притисокот врз Брисел и западноевропските престолнини кога станува збор за отстранување на долгогодишните блокади за натамошното проширување на ЕУ. Политичкиот притисок за прием на сите земји западно од новата Железна завеса – вклучувајќи ги Украина, Молдавија и шестте аспиранти од Западен Балкан – најверојатно ќе биде огромен, под услов да ги направат бараните реформи. Турција, од друга страна, веројатно нема да се приклучи до 2035 година, или веројатно некогаш – дури и ако наследникот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган е поевропски и подемократски.
 
Од судбоносното гласање на Обединетото Кралство за напуштање на ЕУ во 2016 година, ниту една друга земја не си игра веќе со повлекувањето. Напротив, Брегзит беше спасоносна лекција за повеќето Европејци дека животот е потопол и попросперитетен внатре во ЕУ отколку надвор – особено кога ревизионистичката Русија удира по портите. Дури и најотворените популистички евроскептични политичари во Франција, Италија, Полска, Унгарија и Холандија престанаа да се залагаат за излегување, бидејќи повеќе би сакале да останат и да опструираат, или едноставно да не слушаат.
 
ЕУ од 2035 година очекувано сè уште ќе работи според истиот Договор од Лисабон, и многу веројатно ќе се справува со истиот парализирачки услов за едногласност во одлучувањето за надворешната политика, оданочувањето и заедничкиот буџет. Со оглед на потребата од референдуми во многу земји за ратификување на која било нова повелба, промената на договорот е едноставно премногу политички ризична. Секако, Франција и Германија – историските лидери на ЕУ – изјавија дека за да се спречат уште повеќе вета да го парализираат донесувањето одлуки, промената на гласањето со квалификувано мнозинство за прашања како што се санкциите и даноците ќе биде услов за понатамошно проширување. Иако теоретски тоа би можело да се направи според сегашниот договор, сепак, повеќето мали и средни земји се решени да го задржат своето право на вето – дали за да ги заштитат конкурентските предности како ниските корпоративни даноци или за да избегнат потчинување на она што некои стравуваат дека ќе стане германска или француско-германска империја.

 

Не е за верување дека  Франција или Германија би се осмелиле да го блокираат патот на Украина кон членство доколку таа ентузијастички ги прифати реформите дадени од ЕУ по војната. Сепак, заедно со другите земји-членки, тие ќе вршат притисок за долги транзициски периоди пред новите членки да ги добијат целосните придобивки од членството, без разлика дали тоа се однесува на фондовите на ЕУ, субвенциите за фармите, слободното движење на работниците или, можеби, правата на вето и свој комесар. Тинк-тенковите создадоа паметни дизајни за можно етапно пристапување во оваа насока, вклучително и пробен период  во кој новодојденците нема да имаат целосни гласачки овластувања – нешто што може да биде запишано во нивните пристапни договори. Но, најважно е што во моментов не постои таква законска процедура, а за да се договори  би била потребна едногласност од сегашните членки.

„Се сомневам дека ЕУ ќе отвори поинаков пат за членство, со постепен прием“, рече Лике Фрис, копретседавач на Европскиот совет за надворешни односи и поранешен дански министер, за Политико.

Се разбира, поголема ЕУ без институционални реформи може да биде рецепт за слабост или парализа, но таа знае да биде флексибилна,  да се прилагоди и да напредува, прескокнувајќи ги сопствените ограничувачки правила доколку е потребно. На пример, во својот одговор на Ковид 19, ЕУ ги урна долгогодишните табуа со заедничко купување вакцини и колективно задолжување за финансирање на економското закрепнување. Сега за прв пат користи заеднички фонд надвор од буџетот на ЕУ за да им ги надомести средствата на членовите за оружјето испратено во Украина.

Бидејќи „воената економија“ ќе бара заедничко финансирање за време на војната, со заедничко издавање долгови за одбраната, овие преседани треба да го отворат патот за заедничко купување оружје и муниција за Украина, како и заеднички набавки на оружје за земјите од ЕУ за да се задоволи итната потреба за  зајакната одбрана на НАТО против лутата и одмаздољубива Русија.

Дополнително, ЕУ ќе премине од глобализацијата на слободна трговија до позаштитен и поселективен економски модел пред 2035 година, диверзифицирајќи ги своите синџири на снабдување со енергија, минерали и полупроводници подалеку од Кина и Русија и проверка на инвестициите врз основа на безбедносните ризици. Сепак, на континентот ќе му требаат САД како заштитничка нуклеарна суперсила, но кога станува збор за обезбедување на конвенционални вооружени сили, ЕУ  ќе мора повеќе да се грижи за себе и да преземе поголема одговорност за своето соседство додека Вашингтон се фокусира на Кина.

Полска и Унгарија и натаму може да претставуваат предизвик за заедничките вредности на ЕУ, со нивната постојана ерозија на независноста на судството, слободата на медиумите, граѓанското општество и граѓанските права. Никој не знае дали финансискиот притисок на ЕУ може да ги смени тие трендови. Но, двете централно-европски земји веројатно нема да го влечат остатокот од ЕУ кон полабава организација на национални држави, за што неодамна се залагаше полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Од друга страна, ако се создаде една понепривлечна ЕУ, тоа може да поттикне некои понапредни земји да напредуваат со поблиска интеграција. Можеме да добиеме ЕУ со различни брзини или со променлива геометрија. Веројатно ќе има неформална основна група со Германија, Франција, Италија, Шпанија и Полска, во зависност од политичката ситуација во Полска. Комисијата сепак ќе биде во центарот бидејќи дава законски предлози и може да дејствува во кризи. Таква основна група веќе постои, бидејќи не сите земји на ЕУ се членки на еврозоната или на Шенген зоната за патување со отворени граници, а до 2035 година може да има јадро на земји кои поблиску ќе соработуваат на одбранбената интеграција.

Лукас Цукалис, академски експерт за европска интеграција и поранешен шеф на внатрешиот  тинк-тенк на Комисијата, е загрижен дека ЕУ ќе стане маргинализирана во ера на глобално стратешко ривалство меѓу големите сили – освен ак не стане економска сила и самата и политички созрее. Последната книга на Цукалис, „Европа старее“, е повик за вооружување со молба ЕУ да направи транзиција од мека во тврда моќ и од главен економски и регулаторен актер да стане политички и воен играч.

„За да порасне ЕУ,  потребна е интернационализација на еврото, поинтегрирано оданочување, да стане лидер на светската климатска политика и на заедничката одбрана“, изјави Цукалис за Политико. „Тоа е многу малку веројатно да се случи со ЕУ од 27, уште помалку со ЕУ од 35 или 36. Значи, ќе мора да се потпреме на коалиции на подготвени и способни. Неизбежно, тоа ќе треба да го водат Франција и Германија“.

Сепак, зголемената фрагментација на европските политички системи, со послаби влади, растечка социјална нееднаквост и расцепкано, еруптивно јавно мислење, претставува сериозен предизвик за покохерентна ЕУ. Исто така  во 2035 година Европа ќе биде старечки континент со хроничен недостиг на работна сила што ќе го спречи растот и економската динамика.

Дали ЕУ ќе го одржи својот регулаторен досег на глобално ниво благодарение на моќта на нејзиниот единствен пазар, останува исто така неизвесно во претстојната ера  доминирана од ривалството меѓу САД и Кина. Способноста на ЕУ да ги наметне своите норми и стандарди на дигиталните гиганти и новите технологии, како што е вештачката интелигенција, во која ниту еден од водечките светски играчи не е европски, изгледа уште помалку веродостојна.

Конечно, некои прашања веројатно ќе бидат премногу нерешливи за блокот да ги надмине своите разлики – дури и до 2035 година. На пример,  земјите-членки сè уште ќе се борат околу политиките за имиграција и азил наредните 12 години, иако нивната потреба за мигранти работници станува сè поголема. (Политико)