ЕУ со намера да ги намали цените на лековите

Новата европска фармацевтска стратегија ќе овозможи намалување на цената на лековите и враќање на фармацевтското производство во Европа. Тоа го нагласи хрватскиот европратеник Томислав Сокол повикувајќи на заедничка европска набавка на лекови, јави Хина.

Европратениците дискутираа за Фармацевтската стратегија за Европа, усвоена од Европската комисија вчера, со цел да се гарантира пристап до иновативни и достапни лекови и да се поддржи конкурентноста, иновативниот капацитет и одржливоста на фармацевтската индустрија во Унијата.

Во дискусијата, Сокол повика на заедничка европска набавка на лекови со цел да се намалат цените за граѓаните и здравствените системи, соопшти Канцеларијата за односи со јавност на ЕПП.

Недостигот на лекови е долготраен проблем што дополнително се влоши со појавата на сегашната пандемија. Иако Европската унија е најголем извозник на фармацевтски производи во светот, главниот предизвик е скоро 80 ​​проценти од активните состојки за производство на лекови да се увезуваат од трети земји.

Сокол го презентираше истражувањето на Фармацевтската асоцијација на Европската унија од 2019 година, во кое беа вклучени 24 земји-членки, а во кое се наведува дека нивните аптеки имале проблеми со недостиг на лекови.

– Фармацевтската индустрија, исто така, мора да се донесе во помалку развиените делови на Европската унија, со цел да се постигне самодостапностсекаде каде што е можно. За да се успее, европските инвестиции преку низа инструменти  мора да создадат синергија, нагчласи Сокол.

– Еден од конкретните модели на идна европска соработка со кој можеме да ги намалиме цените на лековите се однесува на пристап до иновативни лекови, кои не се достапни пред се затоа што се скапи. Модел што ќе ги направи поскапите лекови подостапни е заедничка европска јавна набавка, рече тој.

– Математиката е едноставна: ако Европската унија како целина преговара, преговарачката позиција на земјите-членки ќе биде многу поповолна, а крајната цена на лековите за здравствените системи и граѓаните поевтина, истакна тој.