ЕУ: Пресудата на Додик е обврзувачка, сите страни треба да ја почитуваат

Европската Унија денеска соопшти дека конечната пресуда против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, мора да се почитува и ги повика сите страни да ја признаат независноста и непристрасноста на Судот на Босна и Херцеговина кој ја донесе.
Портпаролот на ЕУ во писмена изјава наведе дека Унијата го зема предвид фактот дека Судот на Босна и Херцеговина го осуди Додик кривично во жалбената постапка.
„Пресудата е обврзувачка и мора да се почитува. ЕУ ги повикува сите страни да ја признаат независноста и непристрасноста на Судот на Босна и Херцеговина и да ја почитуваат и поддржат пресудата што ја донесе“, рече портпаролот на ЕУ.
Апелациониот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја потврди првостепената пресуда на Додик, со која тој беше осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење на функцијата претседател на Република Српска, поради неспроведување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина.
Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина треба да го одземе мандатот на Додик во рок од 15 дена, а потоа, во рок од три месеци, да распише вонредни избори за претседател на Република Српска.
Додик денеска изјави дека не ја прифаќа пресудата, дека таа е „создадена од Европската Унија“ и дека Собранието на Република Српска ќе се изјасни за тоа. Парламентот претходно, еден ден откако му беше изречена првостепената пресуда на Додик, усвои закони со кои се забранува работењето на Судот на Босна и Херцеговина и Обвинителството на Босна и Херцеговина во Република Српска.