ЕУ побара од новите албански пратенички групи да учествуваат на јунските локални избори
Амбасадорот на Мисијата на Европската унија во Албанија, Луиџи Сореца денеска побара од двете новоформирани опозициски пратенички групи во албанското Собрание, онаа на Демократската партија (ПД) и на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), да учествуваат на јунските локални избори и да разговараат со своите колеги.
– Сакаме оваа опозиција да оди на локални избори. Се надеваме дека опозицијата ќе учествува на изборите, изјави Сореца.
Изјавата на Сореца уследи откако опозициските пратеници кои се согласија да станат дел од законодавниот дом на местата на нивните сопартијци, кои се откажаа од пратеничките мандати, денеска формира нови пратенички групи.
Координатор на новата пратеничка група на демократите е Рудина Хајдари, ќерка на еден од основачите на партијата, Азем Хајдари, кого го нарекуваат „херој на демократијата“ откако беше застрелан пред седиштето на ПД во септември 1998 година.
Пратениците на ЛСИ, пак, формираа „независна пратеничка група“, чиј координатор е Нимет Мусаи.
Непосредно пред повикот на Сореца, Хајдари апелираше опозицијата да не ги бојкотира изборите и ја нагласи посветеноста на нејзината пратеничка група за измени на изборниот систем.
Лидерот на Демократска партија, Љуљзим Баша вчера беше категоричен во својот став дека локалните избори нема да се одржат на закажениот термин 30 јуни и дека тие ќе бидат пролонгирани.
И поранешниот шеф на албанската дипломатија Паскал Миљо, кој е познат историчар и универзитетски професор, деновиве коментирајќи ја политичката криза во Албанија, изјави дека партиите ќе бидат принудени да побараат компромис за одлагање на локалните избори.