ЕУ планира да именува посебен претставник за односи со Русија
Европските влади го засилуваат притисокот врз Европска Унија да именува посебен претставник за односи со Русија, кој би ги застапувал интересите на ЕУ во евентуални мировни преговори за руско-украинскиот судир.
Според Политико иницијативата има за цел да ги спречи САД да постигнат договор со Москва без учество и влијание на Брисел.
Според неименувани дипломати, предлогот е поддржан од Европска комисија, како и од повеќе земји-членки на ЕУ, меѓу кои Франција и Италија. Францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони јавно побараа отворање на дипломатски канали со претседателот на Русија, Владимир Путин.
Но, во Брисел нема консензус кои надлежности и овластувања би ги имал идниот преговарач, дали тој ќе дејствува само во име на ЕУ или ќе ги застапува ставовите и на Коалицијата на подготвените. Исто така е непознато дали преговарачот би бил актуелен политичар или лице кое ја завршило политичката кариера.
Помеѓу потенцијалните кандидати се претседателот на Финска, Александар Стуб, додека за Рим, добар кандидат е поранешниот италијански премиер и поранешен директор на Европска централна банка Марио Драги.
Идејата за именување специјален пратеник за Украина првпат сериозно е разгледувана на Самитот на ЕУ во март 2025 година.
Русија тврди дека ЕУ ги прекинала контактите со Москва. Путин, минатиот месец, изјави дека ЕУ ја попречува мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп.