ЕУ носи одлуки против своите вредности
Поделбите во Европа и интересите на државите што ја основаа ЕУ се главната причина за новото одложување на датумот за преговори со Македонија и Албанија. Ова е генералната оценка на многу дипломати во главните европски престолнини, вклучувајќи и функционери во Европската Унија за (не)очекуваниот студен туш испорачан од министрите на нивниот состанок во вторникот во Луксембург. Највпечатливо е што оние земји што го спречија одредувањето датум за Скопје и Тирана молчат, додека заговорниците за проширувањето на ЕУ реагираат со разочарување, дури и гнев.
Стожерот на „малцинството земји“ кои не се согласувале со одредување датум, како што објасни еврокомесарот Јоханес Хан, е Франција, на која неочекувано за многумина ѝ се приклучи Германија, поточно канцеларката Ангела Меркел и нејзината партија ЦДУ. Партијата на Макрон на европските избори влезе во групата на либералите, каде што се сега водечка сила, и забележливо е дека меѓу оние што имаат најголеми забелешки за проширувањето се токму либералните влади во Холандија, Данска и Белгија.
Околу информациите пласирани од овдешната опозиција дека Шпанија, наводно, била против датум за преговори за Македонија извори блиски на шпанското министерство за надворешни работи соопштија: „Шпанија гледа на пристапувањето како на процес заснован на заслуги и оттаму разликата помеѓу двете држави е огромна. Шпанија никако не се противи, туку напротив гледа многу позитивно на пристапувањето на Северна Македонија“.
Познатиот експерт за балканската политика од Лондонската школа за економија Џејмс Кер-Линдзи во неколку твитови ја објасни оваа либерална игра под француски диктат.
„Јас сум зачуден од начинот на кој Емануел Макрон го држи како заложник целиот процес на проширувањето на ЕУ. Ние дадовме ветувања кон земјите од Западен Балкан и сега не се придржуваме кон тие ветувања. Ова е против базичните европски вредности“, напиша тој.
Разочараниот Јоахнес Хан на прес-конференцијата по состанокот беше уште подиректен: „Ние денеска го доведовме во ризик процесот на проширувањето. Се работи за нашата одговорност. Ако ЕУ сака да биде важен играч, мора да ја преземе одговорноста“. Хан, исто така, беше јасен дека Париз не бил сам кој барал одложување на датумот за преговори со Македонија и Албанија. Кога Франција побарала извештајот на Европската комисија за напредокот да се одложи од април до завршувањето на европските избори, „Германија го поддржа француското барање, а тоа го направија и други“. Тоа ја одложи расправата на Бундестагот за чистите препораки на Европската комисија и исходот од расправата во Луксембург беше јасен уште пред таа да се одржи.
Извори во Европската Унија вчера ни изјавија: „Многу земји едноставно мислеле дека три недели не им биле доволни добро да ги проучат извештаите на Европската комисија и затоа одлучиле на датумите да се навратат најдоцна до октомври“. Некои велат дека перспективата на Македонија е посјајна од онаа на Албанија, најмногу поради историскиот Преспански договор, кој е на неколку места посебно означен во заклучоците на Министерскиот совет, но никој не гарантира дека ќе се остварат предвидувањата на Хан искажани на прес-конференцијата дека тој е „екстремно сигурен“ оти ќе има зелено светло во октомври.
Однесувањето на Ангела Меркел околу проширувањето поткопа дел од нејзината аура на Балканот, се разбира и во Македонија. По лошиот резултат на европските избори (иако нејзината партија победи), ЦДУ ја чекаат неизвесни изборни натпревари во три покраини во септември и октомври. Според многумина, одложувањето на дебатата во Бундестагот лежи и во овие избори во три покраини во поранешна Источна Германија: Бранденбург, Саксонија и Турингија, каде што според анкетите води евроскпетичната и антиимиграциска партија АфД. Изборите во Бранденбург и Саксонија се на 1 септември, а во Турингија на 27 октомври. Така, за загриженоста на владата во Берлин сметката треба да ја платат земјите од Западен Балкан. Никој не може да знае ни каква ќе биде одлуката на Бундестагот во септември и дали предвидувањата на германскиот министер за европски работи Михаил Рот, дека препораките ќе добијат зелено светло навистина ќе се остварат.
Еден дипломат на ЕУ, кој е непосредно поврзан со политиката на Унијата кон Балканот, за „Политико“ изјавил дека одложувањето на изјаснувањето на Бундестагот до крајот на септември ѝ отвора на Франција широк пат да го одложи целиот процес на неодредено и дека понекогаш ние имаме впечаток дека Франција сака да ѝ ја префрли топката на следната Комисија, која веројатно ќе почне со нова евалуација и со тоа ќе се добие ново време за одложување. Мандатот на сегашната Европската комисија завршува на крајот на октомври и доколку не биде донесена одлука за датум за преговори тоа ќе биде неславен крај на работата на Јоханес Хан и Федерика Могерини.
Според некои дипломати, причина за одложувањето било и инсистирањето на 13. земји кои преку изјава побараа Македонија и Албанија заедно да добијат датум и да нема раздвојување на групата. Некои од земјите не биле наклонети за таква одлука и полесно било целата работа да се одложи. Тоа се гледа и во заклучоците за Македонија и Албанија, кои ако се исклучи споменувањето на историскиот успех на Преспанскиот договор за нашата земја тие се целосно исти.
Хан на прес-конференција побара од Македонија и Албанија да не го испуштат моментумот и да продолжат со реформите за да не им остават на земјите членки простор за размислување за ново одлагање. Но прашање е колку владите во Скопје и Тирана ќе бидат сега мотивирани по разочарувањето од Луксембург. „Фајненшел тајмс“ во својот редакциски коментар насловен „ЕУ ги повторува своите поранешни грешки на Балканот“ го поставува прашањето за моментумот во обратна насока – дека ЕУ го губи моментумот да испрати порака во поширокиот регион, кој е најнестабилен во Европа, за да покаже дека европските врати се отворени.
„Уште еднаш европските лидери направија грешки натпреварувајќи се еден против друг на Балканот или третирајќи го како задно двориште на нивните главни интереси, претворајќи ја стабилната Западна Европа во карантин. А целата работа потоа завршува во поголеми проблеми. Ќе биде трагедија ако ЕУ ги повтори грешките од минатото“, пишува весникот.
Еден дел од овие дилеми можеби ќе бидат разјаснети на 1 јули кога во Париз треба да се одржи француско-германскиот самит со земјите од Западен Балкан. Ќе видиме што ќе им кажат Макрон и Меркел на балканските лидери и како ќе ја бранат одлуката дека нивните земји имаат европска перспектива, но тешко дека ќе имаат членство во ЕУ.
Француските планови
Многу министри дадоа изјави во Луксембург пред и по состанокот, но претставникот на една земја забележливо молчеше – на Франција. Министерката за европски прашања Амели де Моншален не сакаше да зборува со новинарите. Министерството за надворешни работи пред состанокот соопшти какви ќе бидат ставовите на младата и нова министерка. Моншален беше овластена да соопшти дека процесот на проширување се заснова на ригорозни критериуми и заслугите на кандидатите за членство во ЕУ, без претходно утврден распоред. Таа, исто така, ќе ја истакне нашата поддршка за поголемо ангажирање на ЕУ во Западен Балкан, притоа истакнувајќи дека проширувањето не може да ни биде единствената алатка за управување со односите со тој регион, беше наведено во соопштението на министерството. Тоа отворено го нагласува новиот став на Париз дека со неодамна објавената стратегија за враќањето на Франција во Западен Балкан сака да направи некаква замена на членството во ЕУ за земјите од регионот.(Љ.П.)