ЕУ не се откажува од владеењето на правото, даде уште 10 милиони евра да профункционира

Евроамбасадорот Гир, покрај политичарите за првпат ги повика и бизнисмените да не се мешаат во работата на судството


Европската унија не дига раце од владеењето на правото во Македонија. И покрај многуте пари и малкуте резултати, па и назадувања во судскиот систем, денес промовираше нов грант од 10 милиони евра со кој ќе интервенира во четири области -правосудниот систем, полицијата, човековите права и борбата против корупцијата. Проектот ќе го спроведат  Институтот за човекови права Лудвиг Болтцман, хрватското Министерство за правда, словенското Министерство за внатрешни работи  и Центарот за меќународна правна соработка. 

Амбасадорот Дејвид Гир, најавувајќи го проектот, најдиректно порача дека владеењето на правото е клучната вредност на Европската унија и има централно место во процесот на проширување така што од тоа како се унапредува – ќе зависи и брзината на евроинтеграцијата.

–Не сметајте на никакви попусти (кратки патеки). Не сметајте дека околу ова ќе правиме компромис, порача Гир во обраќањето.

Тој повтори дека Македонија има да направи уште доста за да ги постигне стандардите што се бараат во оваа област нагласувајќи дека во изминатиот период имало случувања што  ги ставиле под прашалник реформите околу владеењето на правото со порака – дека тој процес мора да се врати назад.

Притоа тој наброја неколку такви случувања, почнувајќи од Судскиот совет, што беше причина Брисел да воспостави специјална експертска мисија која доби задача да ги испита состојбите таму и да препорача мерки како да се врати интегритетот, ефикасноста и независноста на ова тело. Таа мисија, како што најави, неделава ќе ја заврши работата и ќе реферира во Брисел. 

„Мисијата ќе заврши во текот на оваа седмица, потоа тие ќе се вратат во Брисел и за своите наоди ќе дискутираат со Комисијата. Не можам да дадам точен датум кога тие препораки ќе излезат во јавноста, меѓутоа тие ја разбираат потребата ваквите препораки да се дадат брзо“, рече Гир. 

Како втор пример Гир ја посочи реакцијата на Европската комисија за, како што рече, „несоодветната употреба“ на европското знаменце при измените на Кривичниот законик, заедно со оценката дека овие измени можат да доведат до зголемување на неказнивоста во земјата.

Тој двапати нагласи дека успехот на проектот,т.е. на владеењето на правото нема да зависи од партнерите што го имплементираат, туку од волјата и посветеноста на институциите и на властите да направат реална промена. Според него, борбата против корупцијата мора да се води систематски, а неказнивоста не може да биде опција, па ги повика политичките партии, бизнисмените и другите групи со интереси – да престанат да  се мешаат во работата на судиите.

 „Реформите во судството и во обвинителството мора да се на линија со ЕУ-стандардите и да се спроведат без одложување. За ова се делумно одговорни Владата и Собранието, но одговорност имаат и судиите и обвинителите, како и нивните совет. Промените мора да дојдат однатре, а политичките партии и бизнисите мора да престанат да се мешаат во работата на судиите и на обвинителите “– додаде Гир. Според него,  ЕУ сака да ја види земјата како се движи брзо во сферата на владеење на правото, порача дека „граѓаните имаат право да го бараат тоа, но и Европската комисија има право да го бара тоа од земја кандидат“. (С.Ј.)