ЕУ направи компромис со Орбан
Со компромис, Ангела Меркел го надмина ветото на Полска и Унгарија и со тоа го спаси буџетот на ЕУ, пишува „Дојче Веле“ за самитот што штотуку заврши во Брисел.
Компромисот можеби беше неопходен – но политички тој беше грешка, смета Барбара Везел.
-Разбирливо, канцеларката, во последниот чин на тешкото германско претседателство со ЕУ, не сакаше да дозволи растурање на единството на ЕУ под нејзиното водство. Инстинктот на Ангела Меркел во принцип беше да се задржи заедништвото вклучително и со црните овци во групата.И таа успеа во тоа со типично европски компромис, кој не е навистина добар, но не е ни вистински лош. Таа ги спушти Полска и Унгарците од дрвото на кое се беа качиле.
Резултатот е регулатива која првично нема да биде применлива. Притоа таканаречениот механизам за владеење на правото, по години огорчена дискусија, требаше конечно да стане вистинско оружје во борбата против антидемократските тенденции во полските и во унгарските влади.
Во летото, Холандија и други земји својата согласност за заедничките задолжувања за фондот за корона-кризата, ги условија со тоа самопослугата ЕУ да биде конечно затворена за антидемократите. И тие сега се согласија со компромисот, бидејќи ЕУ без буџет во време на пандемија ќе беше неспособна да дејствува. Со години многумина се прашуваа зошто всушност треба со своите даноци да ја финансираат корумпираната клика на Унгарецот Виктор Орбан .
Сега, со своето вето, автократите успеаја да вметнат неколку правни сопирачки во новата регулатива, кои привремено и натаму ќе им гарантираат неказнување. И тука може да се зборува за нивен триумф.
Зошто мора да го толерираме Виктор Орбан, со неговите пропагандни лаги, навреди и антисемитски испади? Тој, и сè поавторитарно владејачките Полјаци, ја туркаат ЕУ кон нејзините политички граници. Проширувањето на ЕУ кон исток во 2004 година беше облог на практично неизбежен демократски развој во новите земји членки, и тоа само делумно функционираше.
Проблеми со транзицијата постојат речкиси насекаде, корупцијата е широко распространета и борбата за независно судство сè уште не е добиена. Полска и Унгарија, сепак, се на друго патување: Таму владите се на пат да станат автократски режими.
Тие го укинуваат слободниот печат, независното судство и систематски ги ограничуваат граѓанските права. Во Варшава тие во моментов се насочени особено против жените и поттикнуваат подбуцнуцаат против ЛГБТ-заедницата. Има отпор, но можеме да видиме во драматичниот пример на Белорусија колку тежок станува протестот кога полицијците има наредба насилно да го сузбијат.
ЕУ не може да толерира такви земји во своите редови. Не може и натаму да гледа настрана, бидејќи ја уништува заедничката основа. Сепсата започнува од едната страна и се шири на остатокот од екстремитетите. Либералните демократии и без тоа минуваат низ тешки моменти, така што не смееме да дозволиме да се распаѓаат одвнатре.
Во одреден момент за две години, можеби со новиот механизам ќе има можност вистински да им се одземат пари на Орбан и партијата на Качински. Брисел, притоа, уште одамна можеше да ги искористи постојните средства и да им се закани со одземање на нивното гласачко право. Но, кукавичлукот и еден вид погрешен европски дух меѓу шефовите на држави или на влади го спречија тоа.
Двете земји добија во време да продолжат со демонтирање на демократијата. Тие постојано се предупредувани и тужени, но ним им е потполно сеедно. Сè додека ЕУ не постапи сериозно против нив, Орбан и компанија ќе продолжат непречено да прават што сакаат. И, политичкиот дебакл на крајот тешко ќе може да се управува. Компромисот за буџетот на ЕУ можеби беше неопходен – но, за жал, политички тој беше грешка, пишува „Дојче Веле“.