ЕУ ќе воведе нови стандарди за емисии и издржливост на акумулаторите
Во Брисел денеска ќе се одржи заседание на Совет за конкурентност на ЕУ, што го сочинуваат министрите на земјите членки на Унијата задолжени за трговија, економија, индустрија, истражување и иновации, со кое ќе претседава шпански државен секретар за Европската Унија, Пасквал Наваро Риос.
На дневниот ред на седницата се разгледување на предложените измени на Директивата за правна заштита на дизајните и на Регулативата за дизајни, со кои треба да се ажурираат актуелните правила во овој сектор, усвоени пред 20 години, со што треба да се обезбеди полесна и поевтина заштита на дизајните на единствениот европски пазар.
Министрите ќе ја разгледуваат и регулативата „Еуро 7“, предложена од Европската комисија, која има за цел да воспостави стандарди за емисии и издржливост на акумулаторите за моторни возила и мотоцикли. Со „Еуро 7“ треба да бидaт заменети двете претходни регулативи што го уредуваа ова прашање, а кои се однесуваа одвоено за автомобили, комбиња и лесни возила („Еуро 6“) и за камиони и тешки возила („Еуро VI“). Сега се предлага прашањето за емисиите и издржливоста на акумулаторите да се уредува си единствена регулатива.
На дневниот ред на заседанието е и документот подготвен од шпанското претседателство на ЕУ за улогата на проверките на конкурентноста во формулирањето на законските предлози на Унијата, како и Директивата за подготовка на потрошувачите за зелената транзиција, преку нивна зголемена заштита од нефер практики и подобра информираност.
Министрите ќе бидат информирани и за резултатите од Иберо-американскиот форум на владини агенции за заштита на потрошувачите, што се одржа во Мадрид на 13 и 14 септември, како и за содржината на Фармацевтското законодавство на ЕУ од перспектива на почитување на конкурентноста.