ЕУ ќе купи уште 100 милиони вакцини


 Европската унија ќе купи дополнителни 100 милиони дози вакцина од BioNTech и Pfizer, со што вкупниот број на дози ќе достигне 300 милиони, објави во вторникот претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

“Одлучивме да земеме дополнителни 100 милиони дози од BioNTech и Pfizer, вакцина која веќе се користи во Европската унија. Ќе имаме вкупно 300 милиони дози од оваа вакцина, која е оценета како безбедна и ефикасна. Ќе следат повеќе вакцини”, рече фон дер Лајен Твитер.

Европската комисија потпиша договор со BioNTech во ноември за набавка на 200 милиони дози на вакцина, со можност за набавка на дополнителни 100 милиони дози. Цената за дополнителни 100 милиони дози останува иста – 15,5 евра по доза.

Одлуката за активирање на опцијата за набавка на дополнителни 100 милиони дози дојде откако некои потенцијални вакцини, за кои Комисијата исто така потпиша договори за набавки, доживеа непредвидени одложувања во клиничките испитувања.

 Досега вкупно 9,95 милиони луѓе во светот ја примиле првата доза на вакцина против коронавирус, а предводник на ова поле е Кина, најмногубројната земја во светот. Целта на земјите е што побрзо да го достигнат нивото од 70 проценти на имунизација на населението, што според експертите е потребно за колективен имунитет.

Досега 4,5 милиони дози примиле граѓаните на Кина, а на второто место е САД со 2,79 милиони дози до 30 декември. Во Европа прва е Велика Британија со милион вакцинирани жители, а исто толку има и Израел, која води во светот по процентуално најголем број на вакцинирано население со 10 проценти опфатеност. Меѓу првите десет земји се и Германија (165.575 дози), Канада (108.253), малата островска земја Бахреин (59.351), Русија (52.000 до 22 декември), Полска (47.600) и Италија (45.677).