ЕУ ја објави новата стратегија за визи, дури сега ќе бара решение за камионџиите
Комисијата ги вклучи камионџиите меѓу тие што треба да добијат право на подолг престој од 90 дена или, како доверливи партнери, петгодишни или подолги визи
Европската комисија ја објави денес новата Стратегија за визи која треба да отвори врата за решавање на проблемот на камионџиите во балканските земји, вклучувајќи ја и Македонија. Стратегијата треба да биде разгледана денес, но таа нема веднаш да донесе решение за нив, според она што може да се прочита во документот.
Во него имено стои дека Комисијата, во тесна соработка со земјите-членки, ќе разгледа можности за издавање визи со повеќекратен влез за туризам и за бизнис со период на важење над пет години – за добронамерни апликанти со законска историја на визи кои не претставуваат миграциски или безбедносни ризици. Оценката е дека вака ќе се наградат безбедните патници, ќе се намали административниот товар и ќе се стимулира економската активност.
Според објаснувањето, кандидатите за виза кои патуваат за бизнис во име на доверливи компании генерално претставуваат низок ризик и се сигурни, но проблемот е што не постои заеднички пристап за управување со вакви доверливи патници и корпоративни спонзори, при што секоја земја-членка има посебни шеми и олеснувања за процесот на издавање визи.
„Некои од овие шеми се насочени кон специфични сектори, како што се индустриите за превоз или патен транспорт. Ова води до фрагментација за бизнисите кои се активни низ цела ЕУ., Комисијата ќе се консултира со земјите-членки за поставување на можен заеднички список на потврдени компании, вклучувајќи стартапи и растечки компании,чии вработени би добиле брза обработка, олеснувајќи ги процедурите за доверливи деловни патници и носејќи економски придобивки за целиот единствен пазар на ЕУ“, стои во стратегијата за визи на ЕУ што се разгледува денес.
Промени има и околу правото на дозволен влез во ЕУ до 90 дена во рок од 180 дена
за патници без виза и за оние на кои им е потребна виза.
„За секој престој подолг од 90 дена е потребна долгорочна виза или дозвола за престој издадена од земја-членка. Сепак, некои професионалци од трети земји кои во голема мера се потпираат на мобилност меѓу земјите-членки – како што се уметници на турнеја, спортисти кои присуствуваат на спортски настани, експерти кои работат на прекугранични проекти, работна сила што ги поддржува индустриите и услугите на ЕУ или возачи на камиони кои им служат на бизнисите на ЕУ – може да бараат пристап до различни земји-членки повеќе од 90 дена во рок од 180 дена, без потреба од долг престој или престој во ЕУ.Ова создава сложен систем, кој е дополнително комплициран од постоењето на билатерални договори склучени од некои земји-членки пред стапувањето во сила на Шенгенското acquis, кое им овозможува на државјаните на одредени трети земји да останат над 90 дена, но само на територијата на засегнатата земја-членка, со што се поткопува унифицираната примена на Шенгенското acquis. (Затоа), Комисијата ќе соработува тесно со земјите-членки за да идентификува прагматични решенија за ова прилагодување на продолжените кратки престои за одредени категории државјани на трети земји, обезбедувајќи безбедносна и економска корист за Унијата, како и правна јасност за патниците. Овие рефлексии, исто така, ќе го истражат воведувањето на ново законодавство со специфичен сет на продолжени правила за краток престој на ниво на ЕУ. Во овој контекст, Комисијата ќе го разгледа влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат продолжени престои, со цел постепено нивно укинување“, стои во стратегијата на ЕУ која е најава дека ќе се бара решение за камионџиите во наредниот период и тоа да важи на ниво на цела ЕУ, а не во поединечни земји членки. Но, значи исто така дека тоа решение дури сега треба да се усогласува.
Генерално, во новата стратегија на ЕУ за издавањето визи се порачува дека предложените реформи „ќе обезбедат дека безвизното патување не е трајно право туку привилегија што бара постојани напори за одржување“, што значи дека ако сакаме привилегиран пристап до шенген зоната мораме постојано да го следиме развојот на безбедносните стандарди и новите правила. Или пократко, дека влегувањето без виза или со олеснувања не е право, макар биле и земја кандидат за членство, туку привилегија што се заслужува.
Ова инаку е прва воопшто стратегија на ЕУ за визна политика. Таа поставува рамка за визна политика која е постратешка и која ги унапредува долгорочните интереси на ЕУ, овозможувајќи ѝ да биде поподготвена за растечката мобилност, како и за последиците од регионалната нестабилност и геополитичката конкуренција.
Според ЕК стратегијата има за цел да ја направи Европа побезбедна, преку зајакнување на првата линија на безбедносен скрининг; попросперитетна и поконкурентна, преку олеснување на пристапот за оние кои придонесуваат за европските економии и општества; повлијателна на глобално ниво, преку унапредување на стратешките интереси, вредности и глобалната позиција на ЕУ; и поефикасна, преку попаметна, модерна и кохерентна визна политика.
Заедно со стратегијата, Комисијата усвојува Препорака за привлекување таленти за иновации, за да ја направи ЕУ попривлечна за висококвалификувани и вешти професионалци, студенти, истражувачи и иновативни претприемачи и да ја поддржи конкурентноста на ЕУ во глобален контекст.
ИТ-системите на ЕУ ќе бидат интероперабилни до 2028 година, што ќе овозможи пребарување на повеќе бази на податоци одеднаш и преку едно, централно пребарување, подобрувајќи ја размената на информации и спречувајќи злоупотреба на визите.
Српските медиуми денес, известувајќи за Стратегијата оценија дека „ возачите на камиони нема да бидат ослободени на класичен начин од визниот режим, што подразбира 90-дневен престој во ЕУ во рок од 180 дена, но ЕК го препознава овој проблем, го смета за многу сериозен и нуди посебен режим – продолжен краткорочен престој“.
Ова, според дописникот на N1 Никола Радишиќ, значи дека ЕК се обидува да постави посебна граница за камионџиите.
„ Таа сè уште не е дефинирана – сè е во фаза на предлог, но дефинитивно работиме на решавање на проблемот со оние професии кои, како што велат, постојано циркулираат преку границите. Ова не се класични прекугранични работници, туку спортисти, уметници, возачи на камиони“, објаснува Радишиќ.
Проблемот, додава тој, е што не сите земји-членки на ЕУ ги имаат јасно дефинирано овие стратегии – некои ги имаат, некои не.
„И ЕК сега предлага правило за ова да се донесе на ниво на ЕУ, така што возачот на камион повеќе нема да мора да размислува каде бил – во која земја бил – колку долго останал, туку едноставно да се усвои на ниво на ЕУ“, објаснува тој. Ова, додава тој, ќе доведе до прекин на билатералните исклучоци и ќе доведе до правна сигурност за возачите.
„Ова не е конечна одлука, само предлог, ова ќе се разгледа, претпоставувам дека ќе биде брза постапка, но конечната одлука за ова ќе ја донесат земјите-членки во рамките на Советот на ЕУ“, објасни Радишиќ. (С.Ј.)