ЕУ и „Фајзер“ конечно постигнаа договор за вишокот вакцини против корона


Фото: Б. Грданоски

Европската унија и фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтех“ денеска објавија дека постигнале договор за измена на договорот за набавка на вакцини против Ковид-19, со што се намалува количината што ЕУ мора да ја купи и се поместува рокот за испорака до 2026 година, но деталите од договорот не се познати.

Договорот меѓу двете страни беше постигнат по неколкумесечни преговори и во време на притисок од европските влади врз Брисел да обезбеди промени во договорот поради падот на бројот на случаи на коронавирус ширум светот и малата побарувачка за засилувачки дози. Некои европски земји веќе ги уништија своите дози, пишува Ројтерс.

Дел од државите го отфрлија изменетиот договор
Комесарката за здравство на Европската комисија, Стела Киријакидес, го поздрави договорот за задоволување на тековните потреби. Повеќе од два месеци таа ги повикува членките на ЕУ да го поддржат амандманот на договорот за кој преговара Комисијата.

ЕК денеска соопшти дека дел од членовите одлучиле да го отфрлат изменетиот договор, без да прецизираат кои. Тие земји ќе останат според сегашниот договор, се вели во соопштението. Извор од Комисијата за Ројтерс изјави дека станува збор за Унгарија и Полска.

Оригиналниот договор беше потпишан во мај 2021 година и ја обврза ЕУ ​​да купи 900 милиони дози од вакцината од „Фајзер“ и „Бионтех“, со опција за дополнителни 900 милиони до крајот на 2023 година. Околу половина од првите 900 милиони дози од договорот сè уште не се испорачани бидејќи побарувачката падна минатата година. ЕУ не ја активира дополнителната опција.

Извор: Испораките намалени за една третина
Во најавите на Европската комисија и двете компании не се прецизира точниот процент на намалување на испораките, но извор запознаен со преговорите вели дека станува збор за една третина од преостанатите дози.

Членките на ЕУ ќе треба да платат компензација за секоја откажана доза, рече изворот, без да каже колкава би била таа. Ниту Комисијата, ниту двете компании не сакаа да го коментираат тоа.

„Фајзер“ во 2022 година заработи рекордни 100,3 милијарди долари во својата 174-годишна историја, додека годинава треба да заработи меѓу 67 и 71 милијарда, пишува „Фајненшл тајмс“ на почетокот на оваа година.