ЕУ и Азербејџан: Време е да се кажат тешки зборови


Настаните од минатата недела предизвикуваат дебата за потребата од длабоко ресетирање на политиката на Европа кон Азербејџан. На 19 септември, Азербејџан употреби воена сила за да ја врати територијата Нагорни Карабах населена со Ерменци, преминувајќи ја црвената линија што за него ја нацртаа  Европската унија и САД.Последиците се катаклизмични. Евентуалните жртви ќе изнесуваат стотици, а исплашени за својата иднина, илјадници Ерменци од Карабах сега прават масовен трагичен егзодус од својата татковина во Ерменија.

Многумина во Брисел и Вашингтон се чувствуваат шокирани и предадени од употребата на сила од Азербејџан. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, наводно, до последен момент ги уверувал соговорниците на високо ниво – вклучително и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и државниот секретар на САД, Антони Блинкен – дека нема да започне воена операција. Во Обединетите нации, германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, тоа најјасно го кажа: „Баку ги прекрши своите повеќекратни гаранции да се воздржи од употреба на сила, предизвикувајќи огромно страдање на населението кое веќе е во тешка состојба“.

Неверојатен аспект на ова е дека Азербејџан добиваше речиси сè што сакаше на преговарачката маса. По неколку години ќор-сокак и многу несогласувања, Ерменците од Карабах се согласија на разговори со Баку, што ќе резултираше со договор за некаква интеграција во Азербејџан. Ерменскиот премиер Никол Пашинјан ја прифати меѓународната норма со признавањето на територијалниот интегритет на Азербејџан, вклучително и Нагорни Карабах.

Прашањето за човековите права сега е клучно. Баку вели дека има целосна контрола врз регионот и дека преостанатите Ерменци немаат од што да се плашат. Сепак, така не се водат  етнички конфликти, кога вооружени групи се испраќаат во цивилни области. Има многу извештаи за злоупотреби од азербејџански војници кои доаѓаат од ерменски извори.

Откако ги отфрли напорите за испраќање меѓународна набљудувачка мисија во регионот, Баку сноси голема одговорност. Не е така лесно да се сокријат воените злосторства во дигиталната ера. Доколку се потврдат злосторствата во војната по избор во Баку или ако преостанатите Карабаки претрпат злоупотреба, треба да има повици за кривично гонење на засегнатите насилници, заедно со случаите во Европскиот суд за човекови права.

Значителни се и геополитичките импликации од ова. Фактот дека западните актери беа заслепени ја зајакнува претпоставката дека Алиев однапред го расчистил својот воен напад со Москва – која потоа не успеа да го осуди Баку – и доаѓа до поблиска усогласеност со Русија. Тоа е уште порелевантно бидејќи следното големо прашање е планираната транспортна рута низ Ерменија до азербејџанската енклава Нахчиван. Русија, Азербејџан и Турција имаат заеднички интерес да наметнат своја верзија на она што вторите две го нарекуваат Коридорот Зангезур со што е можно помала ерменска контрола на рутата – а можеби и со сила.

Алиев, исто така, почна да го користи иредентистичкиот термин „Западен Азербејџан“ за да ја опише јужна Ерменија, позната и како Зангезур, која имаше значително азербејџанско население на почетокот на дваесеттиот век. Минатиот декември тој  означи создавање на „западно-азербејџанска заедница“ и рече дека „тие мора да бидат способни да се вратат во своите родни земји“. Алиев се рече дека ова враќање ќе се случи „мирно“. Но, по она што се случи во Карабах, колку сериозно може да се сфати уверувањето?

Се разбира, постои контекст дека и Азербејџан беше жртва. Азербејџанците имаат привлечни приказни за 1990-тите кои многумина не ги знаат.Во првата карабашка војна, двете страни извршија акти на етничко чистење, но Азербејџан несомнено излезе полошо. Стотиците илјади раселени луѓе протерани од земји заробени од ерменските сили заслужуваа сочувство – веројатно повеќе сочувство отколку што често добиваа на меѓународно ниво.

Тоа е причина да се избегне цивилизацискиот дискурс што сè уште опстојува во некои европски кругови, особено во Франција и во христијанската десница, дека Азербејџанците се некако инхерентно геноцидни. Но, по војната во 2020 година, кога Азербејџан насилно ги врати своите земји, изговорот за „окупација“ ја изгуби својата важност. Кога се бараше државничко однесување, претседателот Алиев стана агресивен. Во мај оваа година тој одржа воинствен говор во кој им рече на Ерменците дека или треба да го „свиткаат вратот“ при пораз или да се соочат со полоши последици.

Агресијата продолжува и на домашен фронт. Рангирањето на демократијата на Азербејџан од Фридом Хаус е на најниско ниво. Во јули познатиот економист и опозициски активист Губад Ибадоглу, поврзан со американските универзитети и Лондонската школа за економија, беше уапсен под опипливо лажни обвиненија и сега е во лоша здравствена состојба во притвор.

Главниот продажен терен на Баку на Запад се однесува на бизнисот и географијата – неговиот статус како единствена земја лоцирана меѓу Русија и Иран со нафта и гас и транспортна инфраструктура како врска во таканаречениот среден коридор.

Во западните престолнини ова често создаваше  двоен ефект. Еден дел од естаблишментот – во случајот со Брисел, Мишел и Европската служба за надворешна акција – ќе врши притисок за воспоставување мир и решавање на конфликтот со Ерменија. Друга – Европската комисија во Брисел – ќе разговара со Баку за енергетски и транспортни проекти.

Во еден лошо замислен чин на јавна дипломатија во јули 2022 година, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен отиде во Баку, склучи договор со „партнерот“ на ЕУ Азербејџан за обезбедување дополнителни количини гас за ЕУ, па дури и не ги спомна зборовите „конфликт“, „мир“ или „Ерменија“ во јавноста.

Азербејџан секогаш ќе биде транспортен центар, но има две предупредувања на теренот. Прво, експертите заклучуваат дека е многу малку веројатно Азербејџан да ги испорача ветените големи количини на гас, уште повеќе што опаѓа потребата поради зелената транзиција. За да се постигнат нивоа на извоз од повеќе од 3 или 4 милијарди кубни метри ќе биде потребна надградба на инфраструктурата и соочување со често занемарениот факт дека Русија и Иран се исто така засегнати страни во гасоводот Јужен Кавказ.

Второ, рутата на коридорот, која се протега од Кина преку Централна Азија до Европа преку Јужен Кавказ, е рута со повеќе земји која ја вклучува и Ерменија. Потребна е регионална соработка за да функционира – и речиси сигурно финансирање од западните влади и меѓународните финансиски институции. Накратко, време е ЕУ да разговара многу поостро со Азербејџан. (Карнеги)