ЕУ го одложи воведувањето на ЕТИАС системот на границите на Шенген


 

Европскиот систем за информации за патувањата и за одоберување на патувањата нема да биде во примена од 1 јануари годинава, како што беше планирано. По примената, поголемата безбедност ќе чини 7 евра.

Системот за информации за патувања и одобрување на патување во земјите од ЕУ, кој се најавува со месеци, се уште нема да заживее. Првиот рок, кој беше поставен на 1 јануари 2023 година, е продолжен, а судејќи според вестите од ЕУ, тешко дека системот ќе биде во употреба во текот на следната година. Од Делегацијата на ЕУ во БиХ за Дојче веле велат дека воведувањето на овој систем нема никаква врска со безвизниот режим, кој се уште останува на сила.

„Европскиот систем за информации и одобрување на патувањата (ЕТИАС) ќе биде автоматизиран електронски систем кој овозможува влез и води евиденција за посетителите од земјите на кои не им е потребна виза за патување во Шенген зоната. Се очекува системот да профункционира до крајот на 2023 година“, вели портпаролот на Делегацијата во Босна и Херцеговина, Фердинанд Кениг, пишува Дојче веле.

ЕТИАС не воведува обврски како што е да се има виза, а патниците од земјите за кои е овозможен безвизниот режим на патување во ЕУ, вклучително и оние од Босна и Херцеговина, сепак ќе можат да патуваат без виза. Граѓаните на трети земји на кои не им е потребна виза за патување во Шенген зоната треба да аплицираат за одобрување на патувањето користејќи ја веб-страницата на ЕТИАС или мобилната апликација пред нивното патување и ќе треба да платат надомест од 7 евра.

„Одобрението ЕТИАС ќе важи три години или до истекот на патната исправа. Од плаќање такса ќе бидат ослободени апликантите помлади од 18 години и постари од 70 години, како и членовите на потесното семејство на државјаните на земјите членки на ЕУ или семејствата на лицата кои не се државјани на земјите-членки на ЕУ, но кои имаат право за слободно движење низ Европската унија“, вели Кениг.

Покрај стандардниот ЕТИАС , ќе се користи и ЕТИАС со ограничена важност. Разликата во однос на стандардната е што не е билет за влез во сите 30 земји на ЕУ, туку само за земјата или земјите наведени во апликацијата. Ова првенствено се однесува на итни патувања, работа и медицински итни случаи.

Некои од придобивките на ЕТИАС вклучуваат поефикасни и побрзи процедури за гранична контрола, помалку бирократија, помалку доцнења и одложувања за патниците, зголемена безбедност, подобрена превенција од илегална миграција, како и поефикасни процедури за управување со границите, велат од Делегацијата на ЕУ во БиХ.

Системот ЕТИАС е сличен на системот ЕСТА во САД, кој им овозможува на граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза побрзо да ја преминат границата. Тогашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во 2016 година изјави дека целта на воведувањето на овој систем е точно да се знае кој ги поминува границите на ЕУ уште пред тоа лице да ја помине границата. Значи некаква контрола уште пред да се појави на граница.

Што се однесува до конечната одлука, таа ќе ја донесе Европската комисија, а земјите од Западен Балкан на кои се однесува се БиХ, Албанија, Северна Македонија и Црна Гора. За сите овие земји, потребен е само биометриски пасош за пополнување на документот ЕТИАС. Што се однесува до Србија, на веб-страниците на европските институции стои дека е потребен исто така само биометриски пасош, освен во случај на издавање патна исправа од Координативната управа на Србија, кога е потребна виза за влез во земјите на ЕУ.