ЕУ гневна на Мицкоски, бара да го прави тоа што го зборува
„Последното гласање за резолуциите во ОН предизвика значајна загриженост меѓу мнозинството ЕУ амбасадори овде“, порача полскиот амбасадор Мариуш Бримора

Амбасадорите на Европската унија денес фрлија „бомба“ на средбата на Заедничкиот парламентарен комитет на ЕУ и Македонија праќајќи јасна порака дека ако навистина сака евроинтеграција – владата на Македонија треба да го прави тоа што го зборува.
Реакцијата се однесуваше на гласањето на нашата држава во Обединетите нации за европската резолуција за Украина и за коспонзорството на резолуцијата на САД, во која Русија не се именува како агресор. И покрај сите релативизирања од македонската власт, тоа очигледно е дочекано како удирање нож во грб на Брисел.
Најпрво полскиот амбасадор, во својство на преставник на земја претседавач со Унијата, порача јасно дека „зборовите говорат посилно од делата“.
„Делиме со вас заедничка судбина и се соочуваме со заеднички предизвици. Заеднички можеме и да ги решиме. Од тој аспект сакам особено да нагласам дека е клучно да се остане посветен на основните европски вредности и принципи и дека последното гласање за резолуциите во ОН предизвика значајна загриженост меѓу мнозинството ЕУ амбасадори овде. Акциите зборуваат посилно од зборовите“, порача полскиот амбасадор Мариуш Бримора.

Речиси идентична беше пораката на амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, кој рече дека е суштински да се остане посветен на клучните европски принципи и вредности и тоа да се демонстрира и на мултилатерално ниво, вклучувајќи ги Обединетите нации. Според него, тоа ќе потврди дека нашата стратешка ориентација се ЕУ, па и НАТО, иако веќе сме земја членка на алијансата.
Практично ова е прва размена на пораки без ракавици од ЕУ кон Македонија откако ВМРО-ДПМНЕ ја предводи власта во земјата, која што беше дополнета со потсетувањето дека приклонувањето кон заедничката европска надворешна и одбранбена политика е една од причините за која нашата држава добива пари од ЕУ во рамките на Планот за раст за Западен Балкан и која треба да изнесува 750 милиони евра.
Ваквите пораки не ги слушна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој тактички, веднаш по своето обраќање, се извини дека има обврски и си замина. Претходно, тој не ги штедеше, исто така, порачувајќи им на амбасадорите и на европратениците дека е време процесот на проширување на стане реалност. Пораката на Муцунски, сумирано кажано, беше дека веќе дваесет години сме земја кандидат за членство и дека не може така и натаму, дека сакаме јасност, предвидливост и решителност во процесот и дека веќе не ни е доволно ЕУ да ни дава само поддршка, туку ни треба конкретен чекор. Европската унија, предупреди Муцунски, не смее да дозволи да исчезне вербата во европскиот процес во Македонија.
Тој наедно тврдеше дека заложбите на владата не се само реторика, туку се конкретни, мерливи и во интерес на граѓаните, па и дека во надворешната политика Македонија останува доследен партнер на ЕУ – како да немало гласање во ОН и како да не ја смени страната Македонија, не во интерес на САД, туку на штета на Украина.
„Во надворешната политика остануваме доследен партнер на ЕУ, со целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика. Нашата поддршка за Украина, учеството во санкциските режими и активната улога како НАТО-членка покажуваат дека не сме само набљудувач, туку чинител во градењето на европската безбедност“, рече Муцунски.
Тој уште испрати пораки во врска со спорот со Бугарија, оценувајќи дека добрососедските односи не се одговорност само на една страна и дека билатералните прашања не смеат да бидат дел од процесот на пристапување во ЕУ.
Практично, испадна дека Македонија со гласањето во ОН и со нападното вртење кон САД, поточно кон американскиот претседател Доналд Трамп кого почнаа да го доживуваат како можна закана во ЕУ, сака да прати порака во Брисел дека, толку колку што се исполнува евроинтеграцијата на Македонија, толку ќе се исполнува и од наша страна усогласувањето со надворешната политика на Унијата. Односно, дека не и должиме ништо на ЕУ додека таа не ни испорачува преговори за членство и дека, ако нема шанси за напредок кон ЕУ, ќе бараме алтернатива во САД, макар на штета на Брисел. Или, како што рече Муцунски, нашата евроинтеграција не е одговорност само на наша страна.
Таквото позиционирање сепак не беше поддржано од еден од европарламентарците, Гркот Костатинос Авранитис, кој посочи дека според него Унгарија не е добар пример што треба да го следиме, алудирајќи на блиските врски на владата со Будимпешта и на фактот дека само оваа земја членка на ЕУ гласаше обратно од европската позиција за резолуцијата за Украина во ОН. Тој сепак изрази целосно разбирање дека е неприфатливо да се поцсатвуваат постојано нови услови за Македонија порачувајќи дека „треба да се држиме до тоа што неодамна го договоривме (уставните измени)“ и да се застане.