ЕУ ги објави остварувањата за Планот за раст – Албанија и Србија добија чиста „нула“
Македонија од пет планирани чекори до декември минатата година остварила само два. До декември 2025 година Македонија треба да оствари 19 чекори (реформи) за да добие 134 милиони евра, а не остварила ништо, или попластично кажано остварила - нула проценти

Европската комисија ја објави табелата со резултати од Механизмот за реформи и раст за Западен Балкан. Таа го прикажува напредокот на Македонија и другите земји кандидати за членство во спроведувањето на реформите, вклучувајќи ги исполнетите чекори и исплатените износи.
Од она што може да се види, ЕУ не им прогледува низ прсти на земјите, така што Македонија од пет планирани чекори до декември минатата година остварила само два, или во проценти – исполнила само 40 отсто од обврските, за што доби околу 8,5 милиони евра „награда“.
Она што е страшно е дека Македонија до декември 2025 година требало да оствари 19 чекори (реформи) за да добие 134 милиони евра, а не остварила ништо, или попластично кажано остварила – нула проценти. Испаѓа дека до декември оваа година, кога има избори и тешко дека нешто ќе се сработи, Македонија треба да исполни заостанати и актуелни 48 чекори, односно реформи од кои некои не успевала да ги направи со децении, за да добие вкупно околу 205 милиони евра од ЕУ.
Така, Македонија се обврзала дека ќе направи план за реструктуирање на македонската железница заедно со инфраструктурата, дека ќе го зголеми бројот на инспектори во Инспекторатот за труд за 20 отсто, дека ќе ги пополни сите испразнети места во Агенцијата за одземање имот (таму очигледно нема интерес да трупа кадри), да направи тригодишен план за реновирање на владините згради, да го намали учеството во регулирањето на цената на струјата до 70 отсто, да изготви законодавство за сајбер безбедност, да обезбеди архивирање на електронската документација, да изготви нов закон за електронските комуникации, да ги регулира платите на судиите и на јавните обвинители според закон, да ги донесе новите закони за Судскиот совет и Совет на јавни обвинители.
Македонија исто така треба да изготви стратегија за државната сопственост и регистер, да ја намали неформалната вработеност до 20 отсто, дури 44 отсто од училиштата да добијат интернет, да изготви план за спречување на корупцијата, нов Кривичен закон со јасна дефиниција за злоупотреба на функција, со ограничувања и со санкции, да го опреми со експертски кадар Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, дури 80 отсто од државните и 75 отсто од локалните институции да поднесуваат интерен ревизорски извештај за трошењата и приходите, изборот на менаџери за јавните претпријатија да биде со три кандидати и до 40 отсто од јавните тендери да бидат преку аукции.
Иако звучи жално колку работи треба да се реформираат во државата и колку таа не успева да го направи тоа, од мониторот на ЕУ се гледа дека имало од лошо – и полошо. Односно, освен Црна Гора која покажува висок степен на исполнување на обврските (дури 50 отсто), фаворитот за ЕУ од соседството, Албанија, има остварување нула проценти , со нула чекори и исто толку исплата! Такви се и остварувањата на Србија – чиста нула, иако Албанија на пример треба да добие многу повеќе сретства од нас, а Србија и повеќе од неа. (С.Ј.)