ЕУ бара од Албанија под итно да ја зголеми безбедноста на судиите


Делегацијата на Европската унија во Тирана вечерва реагираше поради убиството на судија од Апелацискиот суд, наведувајќи дека е „шокирана од чинот на насилство што доведе до убиство на судијата Астрит Калаја и повредувањето на двајца албански државјани“.

– Остро го осудуваме овој криминален чин. Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на судијата Калаја. Оваа трагедија ја истакнува итната потреба Албанија да ја зголеми безбедноста на судиите и обвинителите и да ги преземе сите потребни мерки за да обезбеди безбедност во судниците. ЕУ останува непоколеблива во поддршката на судските реформи и заштитата на владеењето на правото во земјата, се наведува во соопштението на Делегацијата на ЕУ.

Покрај албанскиот државен врв, Мисијата на ОБСЕ, политички партии, осуда за денешниот сериозен инцидент изрази и Врховниот суд на Албанија, оценувајќи го како „алармен сигнал за безбедносната состојба со која се соочуваат албанските судии и за загрижувачката состојба на инфраструктурата во многу од судовите во земјата“.

– Во правна држава, судијата мора да се чувствува заштитен и почитуван при вршењето на своите должности. Секоја форма на омаловажување или презир кон судија го поткопува авторитетот на правосудството и довербата на граѓаните во владеењето на правото, се истакнува во реакцијата на Врховниот суд.

Исто така се посочува дека гарантирањето на физичката и институционалната безбедност на судиите е директна одговорност на државата, што бара итна и одржлива акција.