ЕУ ѝ порача на Црна Гора: Сами отплаќајте го кредитот од Кина


Автопатот меѓу Бар и Србија уште не е завршeн, а Црна Гора е заглавена во долгови спрема Кина

Унијата го одби барањето на владата во Подгорица да помогне во отплаќањето на кредитот од една милијарда долари за екстремно скапиот автопат

 

Брисел во понеделникот го одби повикот на владата на Црна Гора да помогне во финансирање на кинескиот заем од една милијарда американски долари за недовршен проект за автопатот што ја внесе земјата во должничка криза.

Високи владини претставници ја повикаа ЕУ во последните неколку недели да ѝ помогне на Црна Гора да го отплати заемот, што изнесува една четвртина од вкупниот долг на земјата што го покажа влијанието на Кина на Западен Балкан.

Но, Европската комисија соопшти дека нема да го исполни тоа барање: „ЕУ е веќе најголем давател на финансиска помош за Црна Гора, најголем инвеститор и најголем трговски партнер“, рече портпаролот на ЕУ за надворешна политика, Петер Стано, на редовниот прес брифинг. „Ние продолжуваме да стоиме покрај нив, но не ги враќаме заемите што ги земаат од трети страни“.

Одлуката на ЕУ ризикува да ѝ се отвори вратата на кинескиот државен заемодавател, Експорт-импорт банка на Кина, за контрола на имотите и средства во сопственост на Црна Гора.

Критичарите велат дека претходната влада на Црна Гора донесе лоша одлука во 2014 година кога – против советите на ЕУ – го прифати кинескиот заем, кој покрива 85 проценти од трошоците за контроверзниот проект за автопатот што сè уште не е завршен.

Други земји како Шри Ланка, Пакистан и Џибути прифатија привлечни понуди за заеми во рамките на кинеската Иницијатива за појас и пат и сега се наоѓаат под финансиски притисок да ги отплатат, што ризикува да бидат изложени на кинеско влијание.

„ЕУ има загриженост во врска со социоекономските и финансиските ефекти на некои од кинеските инвестиции или долгот што некои од кинеските инвестиции можат да го имаат во земјата“, рече Стано. „Бидејќи постои ризик од макроекономски дисбаланс и зависност од долг“.

Портпарол на премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, немаше коментар за реакцијата на Комисијата.