Естонија и Латвија излегоа од кинеската иницијатива за Источна Европа
Како голем удар за кинеските дипломатски напори во Европа, Естонија и Латвија се откажаа од кинескиот ексклузивен клуб за ангажман со земјите од Централна и Источна Европа, поради загриженоста за врските на Пекинг со нивниот главен непријател – Москва. Декларацијата на Кина за пријателство „без граници“ со рускиот диктатор Владимир Путин е анатема за балтичките нации, кои стравуваат дека неговата инвазија на Украина е претходник на поширокиот обид на Русија да ја врати својата советска империја.
Литванија беше првата што излезе минатата година, кога групата беше стилизирана како 17 + 1, дипломатски форум во кој 17 земји се обидоа да најдат заеднички јазик со Пекинг. Потегот на Талин и Рига ја намалува рамката на 14 + 1.
Во случајот на Литванија, владата во Вилнус избра да води политика на подлабок дипломатски ангажман со демократскиот Тајван, што предизвика трговска пресметка со ЕУ, кога Кина почна да ги блокира литванските стоки на царината.
Пекинг сè уште не ја коментира одлуката на Талин и Рига. Целиот дипломатски формат 16 +1 беше под зголемен притисок, при што Кина беше критикувана за играње игри „раздели па владеј“ во ЕУ, а источноевропските земји ги доведоа во прашање економските дивиденди.
Во изјавата во четвртокот, владата во Талин порача: „Естонија одлучи дека повеќе нема да учествува во платформата за соработка меѓу земјите од Централна и Источна Европа и Кина. Естонија ќе продолжи да работи на конструктивни и прагматични односи со Кина, кои вклучуваат унапредување на ЕУ. Односите со Кина се во согласност со меѓународниот поредок заснован на правила и вредности како што се човековите права“. Се додава дека Естонија „не присуствувала на ниту еден од состаноците од форматот по самитот во февруари минатата година“.
Латвиското Министерство за надворешни работи, го порача истото во четвртокот. „Со оглед на тековните приоритети на латвиската надворешна и трговска политика, Летонија одлучи да го прекине учеството во рамката за соработка на земјите од Централна и Источна Европа и Кина.Латвија ќе продолжи да се стреми кон конструктивни и прагматични односи со Кина и на билатерален план, како и преку соработката меѓу ЕУ и Кина заснована на взаемна корист, почитување на меѓународното право, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила“.
Приватно, естонските и латвиските власти предупредуваа за овој чекор што се наѕираше со месеци. И покрај тоа што тие се обидоа да заземат помалку конфронтирачка линија од Литванија, тие решија да направат чекор откако естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу се врати на власт пред помалку од еден месец.
Девет од 27 земји од ЕУ остануваат во клубот, кој Пекинг го иницираше во 2012 година: Бугарија, Хрватска, Чешка, Грција, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија. Петте земји кои не се членки на ЕУ а се во клубот се : Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. На состаноците набљудувач е и ЕУ.
Пекинг веќе чувствуваше млака реакција од овие земји на почетокот на оваа година. Во април, Кина го испрати искусниот дипломат Хуо Јужен, кој е специјален пратеник за земјите од Централна и Источна Европа, да го посети регионот за да се обиде да ги поправи врските. Минатата година, Естонија ја отфрли поканата на Пекинг за премиерката Каја Калас да присуствува на виртуелниот самит. Наместо неа присуствуваше нејзиниот министер за надворешни работи. (Политико)