ЕСМ со нови мерки за штедење: намалени плати на директори, намалени јавни набавки и расходи

АД ЕСМ воведе нови мерки за штедење и ги прошири мерките кои ги донесе во декември 2021 година, со цел намалување на трошоците во услови на енергетска криза, соопштија од компанијата.
Со најновите мерки ревидирани се планот за јавни набавки, финансискиот план и програмата за инвестиции за 2022. Така, годишниот план за јавни набавки е намален за 96 милиони евра (5.861.339.686 денари), во годишниот финансов план, расходите се намалени за 8,3 милиони евра (515.194.000 денари), а годишната инвестициска програма за 117 милиони евра (7.211. 301.293 денари).
Од ЕСМ посочуваат дека се преземени пошироки мерки за заштеди и преку намалување на издатоците за плати и надоместоци, почнувајќи од платите во Управниот одбор, односно намалени се платите на генералниот директор на АД ЕСМ, и на заменик генералниот директор, како и други издатоци на име месечни примања, кои ќе придонесат за намалување на трошоците во делот на платите.
Исто така, издадени се решенија за мерка принуден одмор до два месеци врз основа на доброволно пријавување на работниците, согласно Законот за работни односи, со исплата на 70 отсто од платата, со што исто така ќе се остварат заштеди.
Од компанијата посочуваат дека уште од декември лани намалени или целосно запрени се и сите други трошоци, како што се спонзорства, репрезентации, службени патувања кои не се строго поврзани со производството на електрична енергија, сведена е на неопходниот минимум исплатата на прекувремени работни часови, саконската дневница за патување се исплаќа во половина износ, запрена е набавката на возила, освен возила потребни за производниот процес, а употребата на патнички возила е целосно и строго рационализирана.
„Мерките се насочени кон намалување на непродуктивните трошоци и реализација на производниот процес со вложување што помалку материјални и човечки ресурси“, се велеи во соопштението до медиумите.