ЕСМ: Николоски изнесува невистини за наводниот евтин гас
АД ЕСМ реагира на наводите на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, дека АД ЕСМ не сакала да потпише договор за набавка на природен гас со фирмата предложена од Христијан Мицкоски. АД ЕСМ неколку пати ја извести јавноста за овој случај, а истото го направи уште еднаш.
-Наведената фирма никогаш не достави комплетна документација и не ги приложи потребните референци задолжителни за сите понудувачи. Со фирмата беше потпишан само првичен EFET договор, кој е стандарден договор меѓу страните на европскиот пазар за енергенси, а кој е невалиден без дополнително доставена конкретна понуда на количини, потекло, испорака и банкова гаранција. Наведената фирма беше директно контактирана од одговорни лица од АД ЕСМ, беше повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас и од наша страна се правеа обиди да се дојде до комплетна понуда која може да се разгледа согласно објавата за набавка.
До поднесување на комплетна понуда не дојде, а дополнително бевме известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас. Од погоре наведените причини, сметаме дека е недозволиво висок партиски функционер од опозицијата да изнесува неиздржани наводи, особено во ситуација кога АД ЕСМ, соочена со менаџирање на енергетската криза со електрична и топлинска енергија, одвои време и ресурси за сериозно да и пристапи на наведената фирма, која како што покажа времето, не била сериозен предлог од страна на опозицискиот лидер.
АД ЕСМ сериозно забележува на обидите да се изнесуваат извртени информации кои не ги прикажуваат точно настаните што се случиле. Апелираме до претставниците на политичките партии да не го вовлекуваат АД ЕСМ во невистинити искази при своите јавни настапи, и со тоа да ги омаловажуваат трудот и жртвата вложени од сите вработени кои деноноќно работат за да обезбедат електрична енергија и топлинска енергија за граѓаните и целото општество, во услови на енергетска криза со каква досега не сме се соочиле како регион, и пошироко во европски рамки,стои во реакцијата на ЕСМ.