Ескобар: „Отворен Балкан“ не е политички туку економски проект
Американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во обраќањето на самитот „Отворен Балкан“, порача дека САД ќе направат се да го стабилизираат регионот , но дека повеќе не го гледаат низ сликата од 90-тите, туку низ призмата на можностите што ги нуди тој. Според него, тие можности се огромни, пред се поради одличната географска позиција, прекрасните ресурси и претприемачкиот дух. Според него, Западен Балкан може да биде центар за обновлива енергија, за течен гас, за информатичка технологија и за туризам.
„САД ја поддржуваат иницијативата Отворен Балкан и тоа се заснова на неколку работи. Прво, не се работи само за економска и регионална соработка, туку и за евроинтеграциска. Второ, има многу иницијативи за создавање на економска интеграција, а Отворен Балкан е една од нив“, рече Ескобар охрабрувајќи ги лидерите да ја усогласат со другите во регионот.
Тој изрази исто така надеж дека оваа иницијатива, што ја нарече одлична, ќе се прошири со уште членки, бидејќи ова не еполитички туку, како што нагласи, важен економски проект. Земјите од регионот, порача тој, може да сметаат на помошта од САД во однос на економијата, борбата против корупцијата и криминалот и европската интеграција.
„САД ве охрабруваат иницијативата Отворен Балкан да остане економска. Ова не е политички проект, туку е важен економски проект и битно е да остане таков и да се фокусира на создавањето можности за луѓето од регионот и на тој начин ќе имате поддршка“, рече Ескобар.
Тој додаде дека САД го охрабруваат и планот за институционален развој на Западен Балкан.
– Може да има и конкуретни предности со создавање поголема предвидливост за инвеститорите, но најважно создавање можност и институционален развој за институциите што треба да го намалат шверцувањето и избегнувањето плаќање даноци, затоа што потребна ни е економија што ќе им помогне на инвеститорите кои сакаат да работат законски. Исто така ги охрабрувам лидерите на оваа иницијатива да се вклучат повеќе и да внесат повеќе засегнати страни, да се ангажираат отворено со стопанските комори во регионот. Но потребно е да се слушне нивниот глас, затоа што тој е важен во формирањето на политиките и институциите на иницијативата Отворен Балкан, заклучи во своето обраќање заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Ескобар.