Ескобар: Македонија е екстремно добар НАТО сојузник, таква ќе биде и во ЕУ

Американските санкции не се замена за домашните процеси  и за домашните институции кои се таму за да промовираат владеење на правото, порача Ескобар откако изјави дека нивна политика не е да ги најавуваат црните листи.


Заменик помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, ги повика Македонија и другите земји од регионот на Западен Балкан навистина да се борат со корупцијата бидејќи, според негова оценка, таа е одлучувачка за нивниот натамошен економски и демократски развој. Тој не сакаше да најави конкретно дали и кога ќе има црна листа за лица од Македонија бидејќи политика на САД, како што рече, не е да овозможуваат претходен увид во  санкциите и ваквите потези.Тој нагласи дека САД имаат намера да ги користат санкциите за да се борат со корупцијата не само на Балканот туку и пошироко, додавајќи дека дека најдобар начин за борба против ова зло сепак не е преку воведување американски санкции, туку преку домашните обвиненија и јакнење на владеењето на правото. 

-Нашите санкции не се замена за домашните процеси  и за домашните институции кои се таму за да промовираат владеење на правото. Ги охрабрувам владата на Македонија и на другите земји во  Западен Балкан  навистина да се посветат  на борбата против корупцијата. Ова е единствено нешто што го споделуваат сите земји во регионот. Корупцијата е главен проблем и таа е штетна  за нивниот демократски и економски развој, порача Ескобар.

Тој се огради дека негова надлежност не е Бугарија за да може да ги коментира конкретно проблемите што ги продуцира таа кон Македонија, вклучувајќи и закана за ново вето во ЕУ, но нагласи дека двете земји се вредни НАТО партнери и тој би сакал да имаат продуктивни и мирни односи. 

-Ние силно се залагаме интеграцијата на Северна Македонија  во ЕУ да биде што е можно побрза и ќе подржиме се што ќе ја доведе земјата таму на брз и мирен начин. Ние исто така ќе продолжиме да работиме со Владата на Македонија  за да ги помогнеме нејзините аспирации. Таа е екстремно добар НАТО сојузник  и јас можам да ги уверам европските лидери дека таква ќе биде и како членка на ЕУ – ќе биде продуктивна, доверлива и солидна земја членка на ЕУ, рече Ескобар. 

Ескобар на брифингот со новинари од регионот зборуваше и за  најактуелната тема – односите меѓу Србија и Косово. За европскиот предлог, кој во јавноста е познат како француско-германски потенцираше дека не се однесува на меѓусебно признавање помеѓу двете држави туку на нормализација на односите. Сепак, за стабилен регион, потенцираше Ескобар, неопходно е сите земји меѓусебно да се признаат.

-Силно го поддржуваме дијалогот меѓу Србија и Косово што се води под покровителство на ЕУ. Лидерите на Србија и на Косово се нафатија да продолжат да работат кон договор за нормализирање на односите. Сакаме да нема забуна за предлогот на ЕУ – тој не е за меѓусебно признавање, туку за нормализирање на односите. Но, тоа не значи дека ние не веруваме дека за регионот да се стабилизира неопходно е сите земји меѓусебно да се признаат. Нашето разбирање е дека ќе користиме моркови, а не стапови. Се надеваме дека двете страни ќе ги исполнат своите обврски, ако се постигне договор. Наша позиција е дека е законска обврска, произлезена од Бриселскиот договор, формирање на Заедницата на српски општини. Тоа е реалноста, објективен факт, што се очекува од Косово за да напредува на патот кон ЕУ,рече Ескобар.