Ескобар: Курти има проблем и со нас и со Северна Македонија

Ескобар призна дека САД имаат проблем во комуникацијата со косовскиот премиер и би сакале партнерството да се врати на нивото што го имаа пред него


Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, денес на брифингот со новинарите од регионот порача дека САД немаат проблем со партнерството со  Косово, туку премиерот Албин Курти има проблем со САД –  но и со ЕУ, со НАТО, co Обединетото кралство, со Албанија –  па и со Северна Македонија.

Без да каже на што алудира во однос на нашата држава (веројатно на мешањето во изборите), Ескобар порача дека неисполнување на обврските од Бриселскиот и Охридскиот договор од страна на Курти во рамките на дијалогот со Србија ќе влијае на интеграцијата на оваа земја во НАТО и во ЕУ.

Тој  најдиректно призна дека САД имаат проблем во комуникацијата со косовскиот премиер и дека би сакале партнерството со оваа земја да се врати на нивото што го имаа пред него. Според него, Курти го одбива секој дијалог поради што преговорите со Србија се во критичен момент, јасно порачувајќи дека одлуката на Курти за укинување на динарот предизвикала хаос на Косово. И дека Курти не само што ветил јавно од Скопје дека ќе го реши проблемот а не го сторил тоа, туку и одбива меѓународна техничка помош. Пораката колку што беше упатена на адреса на косовскиот премиер, толку беше упатена и на адреса на албанските опозициски партии кај нас кои го користат Курти како некој кој може да им донесе победа на изборите, иако станува трн во окото на САД. 

Зборувајќи за изборите во Македонија и зошто не ја посети овојпат нашата држава, тој порача дека дека имал повеќе причини – многу лошата ситуација околу Косово, многуте важни избори во Црна Гора кои имаат критичко значење за иднината на таа земја и настојувањето да не биде сфатен дека на некој начин сака да се меше во изборите. 

„Македонија е наш многу солиден партнер, и билатерално и меѓународно, во НАТО и во ОБСЕ. Претходната влада беше посветена на членството на НАТО и на кандидатурата во ЕУ, така што  нашите очекувања се, која и да е гарнитура што ќе дојде на власт по изборите, слично да биде посветена на членството во алијансата, на евроинтеграцијата и на борбата против корупцијата.  Се надевам дека ќе имам можност да ја посетам Северна Македонија по изборите“, порача Ескобар на онлајн брифингот. 

Околу резолуцијата што беше изгласана во Сенатот со која се бара Македонија да преговара за членство во ЕУ без нови билатерални условувања и можноста САД да ја притиснат Бугарија да ретерира околу барањата за промена на Уставот, Ескобар го повтори тоа што сме го слушнале и досега и што е реално: 

„И Македонија и Бугарија се вредни членки на НАТО и наши сојузници. Сакаме мирно решавање на кое било прашање и ги охрабруваме двете земји да го продолжат дијалогот базиран на факти и на цврстата обврска Северна Македонија да продолжи да има европска перспектива. Верувам дека имаме гаранции од Бугарија дека тие сакаат навистина Северна Македонија да биде членка на ЕУ  така што треба да ги искористиме овие можности. Северна Македонија треба да биде полноправна  членка на ЕУ без губење време“, порача Ескобар.

На прашањето за Заедницата на српските општини, Ескобар рече дека Приштина никогаш не кажала дали го прифаќа предлогот за статутот на ЗСО, предложен од Европската унија и дека на САД им е тешко да разберат зошто не го прават тоа.

„Сакам да повторам, ЗСО не би била друга Република Српска. Тоа не би била држава во држава. Во статутот кој дозволува извршна власт, извршна власт или што било што може да создаде уставни или функционални прашања за Косово. Тоа е едноставно можност општините со српско мнозинство да го координираат обезбедувањето општински услуги на српски јазик за граѓаните на Косово. Тоа е тоа. И тоа е правно обврзувачка обврска. Значи, слушнавме многу различни причини зошто не е доставен или зошто не напредува. Ние не прифаќаме ниту еден од нив. Треба да продолжиме понатаму“, рече Ескобар.

Ескобар притоа посочи дека основната причина за неговата посета на Приштина е да нагласи дека нема алтернатива за дијалогот со Србија, кој се одвива под покровителство на Европската унија и оти треба да се разговара за начините за изнаоѓање решение за некоординираната одлука на Приштина за укинување на динарите. Според него  САД не го оспоруваат легитимитетот на таа одлука , туку брзината со која беше спроведена и неисполнувањето на ветувањата дека ќе се најде решение за проблемите што ги предизвика за етничките Срби во Косово. (С.Ј.)