Ескобар на средба со Пендаровски, очекува да го продолжиме патот кон ЕУ

Според најавите, Ескобар утре треба да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски


Фото: Б. Грданоски

Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар попладнево, со средба со претседателот Стево Пендаровски, ја почна дводневната посета на државава. На средбата, според информациите од кабинетот на Пендаровски, била потврдена поддршката на САД за европските аспирации на нашата земја. Истовремено, било изразено очекување од официјален Вашингтон дека Северна Македонија ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија.

Претседателот Пендаровски ја истакнал важноста на поддршката којашто САД ја даваат за остварување на стратешките цели на нашата држава. Во таа насока, на средбата се разговаралое за следните чекори коишто треба да ги преземе Северна Македонија со цел да напредува во ЕУ интегративниот процес. На средбата станало збор и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина.

Според најавите, во тек на престојот во Скопје Ескобар утре треба да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.

Високиот американски дипломат во дебата за Западен Балкан во Конгресот на САД, одржана во текот на јули годинава, изјави дека САД силно го поддржуваат процесот на уставните измени и се ангажирани со новата влада во Софија да осигураат дека нема да поставува нови барања на европскиот пат на земјава.