Ескалира состојбата во Србија, има 70 повредени полицајци, демостранти и граѓани


 

„Вистината е само една – некој дошол да нападне простории на Српската напредна партија“. Вака на државната телевизија на Србија (РТС) рече директорот на полицијата, Драган Васиљевиќ, во врска со насилните протести во Врбас и во Бачка Паланка во кои се повредени 70 лица, од кои 16 полицајци, додека 52 граѓани побарале лекарска помош. Според Василевиќ симпатизерите на СНС само стоеле пред своите простории и се бранеле.

Синоќа во Врбас и Бачка Паланка се собрале групи граѓани кои, според полицијата, имале очигледна намера да се судрат со поддржувачите на СНС. Во двата града пред партиските простории веќе имало стотици симпатизери на партијата.

„Мора да се каже дека симпатизерите на СНС не отишле никаде со намера да напаѓаат, туку само биле пред своите простории“, истакна Васиљевиќ.

Полицијата привела повеќе лица, а состојбата се смирила утрото околу 6 часот. Инциденти имало и во Крагуевац, Ниш и во Белград.Васиљевиќ објасни дека полицијата интервенирала за да ги потисне и раздвои двете групи.

„Беше потребно да се потиснат и симпатизерите на СНС и оние кои дошле да нападнат“ – рече директорот, нагласувајќи дека биле пријавени и обиди за напад во Белград, во улица „Његошева“. Според него, полицијата се соочува со сè поголем број ненадејни собири без организатори, поради што нема со кого да преговара.

За време на антивладините протести групи приврзаници на Српската напредна странка (СНС) фрлаа пиротехника, камења, столчиња и шишиња кон насобраните, а во нив бил испукуван и огномет.

Бранoт студентски и граѓански протести во Србија трае веќе девет месеци, поттикнати од трагедијата во Нови Сад, кога загинаа 16 лица. Протестите се одржуваат со барање за одговорност на власта поради корупција и несовесно изведени градежни работи. Синоќешните собирања пред седиштата на СНС во Војводина беа во знак на солидарност со претходно уапсените и повредените демонстранти.

Според извештаите на порталот „021“ и Н1 и снимките на социјалните мрежи, полициски кордон во Врбас и Бачка Паланка ги разделувал демонстрантите од приврзаниците на СНС, но присутните тврдат дека полицијата не ги спречила нападите врз граѓаните. Министерството за внатрешни работи, пак, соопшти дека демонстрантите ги нападнале приврзаниците на СНС и дека четворица полицајци, меѓу кои и заменик-началникот на ПУ Нови Сад, биле повредени.
Според новинарите на Н1 и „021“, има и повредени демонстранти, а на терен интервенирала итната медицинска помош. Во Врбас, асистент-снимател на Н1 бил погоден со два камена во стомакот и рамото.

Медиумите јавуваат дека нападите во двата града биле координирани, што предизвика студентските организации да повикаат на нови протести, кои во текот на ноќта се одржаа пред локалните седишта на СНС во Нови Сад, Белград и Ниш. Протестите се одвивале со турканици со полицијата, а неколку лица биле приведени поради „попречување на службено лице“. На социјалните мрежи се појавија снимки на кои граѓани прашуваат зошто полицијата не интервенирала за да ги заштити демонстрантите во Врбас и Бачка Паланка.

РТС кусо извести за протестите, додека провладините таблоиди ги нарекоа демонстрантите„терористи блокатори“ и „дивјаци“, обвинувајќи ги дека „крвопролевањето им е единствена цел“.