Ескалира палењето автомобили во Прилеп, СДСМ бара итна седница на општинскиот Совет
Од моментот кога за началник на ОВР – Прилеп и командир на прилепската Полициска станица беа именувани кадри на ДПМНЕ, Прилеп стана опасно и небезбедно место за живеење, сметаат од советничката група во Општина Прилеп од СДСМ.
„Во тој период, за нецела година во нашиот град запалени се 18 патнички и товарни моторни возила, опожарен е ноќен клуб, во двор од куќа е фрлена бомба, во друга е поставена експлозивна направа, а угостителските објекти станаа мегдан за насилство и оружени пресметки.
Игнорирајќи ја алармантната безбедносна состојба во Прилеп, локалната власт на ДПМНЕ ги доведе во опасност животите на нашите сограѓани.
И покрај ветувањето на претседателката на Совет на Општина Прилеп, Ирена Стерјовска Локвенец, дека на седницата закажана за четврток 26-ти декември, ќе го стави на дневен ред барањето на нашата советничка група за поднесување Информација за актуелната безбедносна состојба во градот од страна на ПС од Општа надлежност – Прилеп, тоа не се случи.
Од тие причини, советничката група на СДСМ и Коалицијата денеска до Стерјовска Локвенец достави барање за свикување Итна седница на Советот на Општина Прилеп.
Бараме, Итната седница да биде закажана за утре, среда 25-ти декември, на која единствена точка на дневниот ред би била расправа за нарушената безбедносна состојба во општина Прилеп.
Враќањето на мирот и безбедното живеење, за прилепчани нема алтернатива!“, рече Александар Китаноски, член на Советот на Општина Прилеп од СДСМ и Коалицијата.
Експлозија пред куќа во Прилеп
Во неделата, во 20.30 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека околу 19.30 часот на ул.„Поп Аврамија” во Прилеп било забележано едно лице како фрла експлозивна направа, при што настанала експлозија пред куќа и патничко моторно возило „пежо 207″ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на С.Л.(21) од Прилеп, информира МВР.
Нема повредени лица.
Се преземаат мерки за расчистување на настанот.