Есенски базар „Креативна есен во срцето на градот“ во Скопје Сити Мол за поддршка на современите занаетчии


Дваесет современи занаетчкии ќе се претстават со свои уникатни креации на Есенскиот базар, што ќе се одржува од денеска на приземјето во Скопје Сити Мол. На дводневниот базар ќе бидат претставени еко производи, рачно изработен накит и кожни аксесоари, чанти, дрвени садови и украси, еќоксидни уникати и рачно насликана керамика, ароматични свеќи и природна козметика.

– Есенскиот базар – „Креативна есен во срцето на градот“ е платформа која ги спојува уметниците со јавноста, промовирајќи ја локалната креативна сцена и одржливиот начин на живот. Посетителите ќе можат да ги запознаат авторите зад секој производ, да ги слушнат нивните приказни и да учествуваат во создавање на заедницата – љубители на рачно изработени продукти. Базарот ја нагласува важноста за поддршка на домашната уметност, промовира одржливи практики и иновативни идеи, кои се одраз на културната и општествена динамика на градот, стои во најавата за настанот.

„Мама Органа“ ќе ги инспирира љубителите на зелен животен стил со своите „zero waste“ производи, додека „Fabulous Flame“ и „Zen.Zeal“ ќе ги разбудат сетилата со нетоксични свеќи, етерични масла и ароматизирани восоци од соја. „NICHE Wood Art“ ќе се претстават со рачно изработени дрвени садови, а „Solar creations“, со рачно плетен накит од челик и кожа. Рачно насликаните чаши, чинии и вазни на „Натка препорачува“ ќе внесат топлина во домот, додека филигранскиот накит од „Малезан Филигран“ и „Filigree LARGO“ носи традиција и современа елеганција во секој детаљ. „SIRA leather“ и „Кожарска работилница Хорват“ ќе ги претстават своите кожни аксесоари, а „Monkdolls“ и „Marcy’s handmade“ ќе ги однесат посетителите во свет на рачно изработени дрвени украси и накит од глина и смола. И тука не завршува приказната – секој од присутните артизани носи свој уникатен печат, создавајќи атмосфера која го поврзува креативното со есенската магија.

Посетителите ќе имаат можност да откријат и за „Bottega Azzurra“ со нивниот накит од кожа и мали цртежи, „Јуник Корнер“ со рачно изработени чанти, „Gaia_X“ со накит кој раскажува приказна, „Добро ми стои“ и „Ателје Сиена“ со сребрен накит и полудраги камења, како и „Шарено Ќоше“ со рачно насликана керамика и илустрации. Природната козметика на „Игнеа Козметика“, уникатниот накит од епоксидна смола на „Epoxy_handmadebyclay“ и иновативните торби, беџови и накит на „REД“ го комплетираат овој шарен и инспиративен колаж на талент и уметност.